1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јамајка - тури за љубителите на марихуана

Р.Г./ап14 септември 2013

Напа и Сонома ги имаат нивните вински тури, а туристите ја преплавуваат Шкотска за да ги пробаат различните вкусови на шкотското виски. Но, во Јамајка, фармерите нудат еден друг, поинаков вид на туристички тури.

https://p.dw.com/p/19fZU
Фотографија: Nick St.Davis

Наречени „ганџа тури“, технички нелегални, зачадени, и мистични патувања до некои од скриените плантажи со канабис на островот. Тука љубителите на марихуаната можат да пробаат видови како што се: „виолетов куш“ и „ананасов твор“.

Турата поминува низ места како што се Најн мајл, малото гратче каде што е роден големиот љубител на марихуаната и реге легенда Боб Марли. Тука, на зелените планини во Јамајка, мажите со плетенки ги носат љубопитните посетители до фармите каде темно зелените растенија од марихуана растат во црвената почва. Слични тури се организираат и во близина на градот Негрил, каде што мистичноста на марихуаната со децении ги привлекува вљубениците во неа.

„Оваа овде е оргиналната ’синсемила’. Му беше онилена на Боб Марли, а оваа овде е ’чоколадниот твор’ и е специјално наменета за дамите“, објаснува фармерот познат како „Ветрец“.

Тури во земја во која марихуаната е нелегална

Иако напорите да се легализира марихуаната во државите како што се Колорадо и Вашингтон вродуваат со успех, а владите на јужноамериканските држави како, на пример, Уругвај се обидуваат да се вмешаат во трговијата со марихуана, тука во Јамајка тревката, општо позната како „ганџа“, останува нелегална.

Постојат такви кои би сакале да видат промена и тие се се’ погласни во барањата таа да се легализира. Тие своето барање го поткрепуваат со фактот што марихуаната ќе и’ помогне на трошната економија, затоа што островот е речиси исто толку познат по неа, колку што е и по плажите, реге музиката и светски познатите спринтери.

Cannabis Pflanze Marihuana
Марихуаната се користи и во медицински целиФотографија: Fotolia/Opra

Министерот за правда Марк Голдинг изјави за агенцијата Асошиејтед прес дека владата е свесна за напорите марихуната да се легализира на други места низ светот, и го нарече процесот „динамична и брзо еволуирачка ситуација“.

Во еден негов мејл за декриминализацијата тој вели: „Ќе ја разгледаме ситуацијата во светло на новите трендови во хемисферата“.

Јамајка е конзервативна

„Коалицијата за ревизија на закон за ганџа“, островска група која ја повикува владата да ја регулира и декриминализира марихуаната, ќе биде домаќин на интернационална конференција во главниот град Кингстон, а дел од темите ќе ги вклучуваат и изгледите за комерзализација на канабисот.

И покрај лежерниот интернационален имиџ на Јамјка, таа е конзервативна и религиозна, а многу луѓе се ежат од „раста“ имиџот на земјата. Марихуаната е забранета на островот уште од 1913 година. Недозволеното садење марихуана опадна од 1970 наваму, поради конкуранцијата и американската битка против дрогата. Јамајка се’ уште е главен карипски снабдувач на САД со марихуана, а туристите не мораат да одат подалеку од хотелското лоби за да добијат помош во набавката.

Крис Симунек одговорниот уредник на весникот „Хај тајмс“ вели дека веќе постои „марихуански туризам“, само што не се нарекува така.

„Ветрец“ вели дека во Најн Мајл, голем број на Американци, Германци и се’ повеќе Руси, ја посетуваат неговата фарма, и ги „вкусуваат“ неговите билки.

Тој ден немаше пријавени за турата која чини 50 долари од големиот број на туристи кои доаѓаат од бродовите, кои крстарат за да го посетат родното место на Боб Марли. Но, прилично голем број од нив се нарадени и чекаат да купат мала кесичка од пријателите на „Ветрец“, која се продава низ мала дупка во ѕидот од музејот.

„Можам да набавам појака дома, но има нешто посебно во тоа да се пуши марихуана во Јамајка. Сепак ова е марихуаната која го инспирираше Боб Марли“, вели една туристка од Минесота, која се идентификува како Енџи додека го мота џоинтот.

Кој сака на тура, мора да докаже дека пуши марихуана

Frau mit Joint
За да се учествува на една од турите, мора да се докаже дека туристот пуши марихуанаФотографија: AP

Онлајн водич за одмор, наречен Јамајкамах, ветува најдобри тури во областа на Негрил, но постои еден услов. Туристите мораат најпрво да поделат еден џоинт со водичот, за да докажат дека не се припадници на силите на редот.

„Откако ќе поделиме по неколку дима и ќе ве запознаеме, ќе ве однесем на најдобрите ’ганџа’ тури во Јамајка, каде можете да пушите, и јадете доколку сакате, толку многу марихуана што ќе имате прилика и лично да зборувате со Боб Марли“, стои во огласот на сајтот.

Речиси една декада откако владина комисија рече дека марихуаната е „културно вкоренета“ и препорача да се декриминилизира личната употреба за возрасни, влијателни бизнисмени и политичари бараат Јамајка да ги олабави законите и да ги отфрли старите стравови дека ќе го налути Вашингтон.

Лечење со марихуана

Хенри Лов, кој помогна во развивањето на лекот за глуком во 1980, кој е на база на канабис, вели дека островот бргу може да стане центар на марихуански туризам и истражување.

„Луѓето би можеле да доаѓаат кај нас за медицински третман со марихуана и здравствен туризам, поради тоа што што тоа е наша традиција и култура“ вели тој.

Се претпоставува дека индиски робови ја донеле марихуаната некаде во 19-от век. Набргу се проширича нејзината употреба како медицинска билка, а луѓето ја користеле како билка за чај кој ги олеснува болките. Други, пак, ја користеле марихуаната натопена во рум како лек за настинки. Во 1970-тите марихуаната станала уште попопуларна поради растафаријанското движење, и реге ѕвездите како Марли и Петер Тош.

Парите и моќта кај бандите

Во моментов криминалните банди ја контролираат трговијата со марихуана на островот, и војните за територија често пустошат делови од Јамајка. Продржувачите на декриминализацијата и легализацијата на марихуаната тврдат дека тоа ќе им ја скрати моќта на бандите и ќе се ослободат средства, кои сега се трошат за апсења и затворања на корисници на марихуана.

За „Ветрец“ и неговите пријатели, реформите не можат да дојдат така брзо.

„Владата мора да ја ослободи марихуаната што е можно побрзо човече, тоа е природна и духовна работа, а туристите ја обожуваат“, вели „Ветрец“ додека со сласт ги мириса билките марихуана.