1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јанкулоска: истрагата напредува, извршителите се непознати

AM/миа15 април 2012

Истрагата сериозно напредува, дефиниран е профилот на извршителите, но се’ уште не е нивниот број и идентитет, изјави министерката Гордана Јанкулоска.

https://p.dw.com/p/14eGd
Фотографија: MIA

Таа рече дека не може да изнесат повеќе детали за профилот на убијците на петтемина кај Смиљковци зашто се’ уште се обработуваат материјалните докази. Многу им помогнале и информациите што ги добиле на телефонот 199 и ги охрабрува граѓаните и понатаму да се јавуваат.

„Профилот го утврдивме, но не би оделе со детали, зашто ни е потребно време да ги провериме материјалните докази собрани на терен. Но, и поради комплексноста и затоа што некои хемиски анализи кои бараат одредено време“, истакна Јанкулоска од Оперативниот штаб.

Меѓу материјалните докази е и едно возило за кое, според најдените траги од вештачењето, има индиции дека било на местото на злосторот. Најдено било на десет километри од таму.

Министерката ги охрабрува граѓаните и понатаму да се јавуваат на бројот 199. Најголем дел од јавувањата потвдиле дел од сценаријата за кои размислува и МВР.

„Не би зборувала за сценаријата со кои јавувањата се совпаднаа, бидејќи нивното јавно елаборирање би ја отежнало истрагата. Меѓутоа, може да се каже дека од нашите сценарија што ги разгледувавме и од јавувањата на граѓаните на телефонот 199 успеавме да отфрлиме дел од тие сценарија и да ги нотираме тие што се најмалку веројатни“, рече Јанкулоска.

Јанкулоска рече дека сите сценарија се се’ уште отворени, но најмалку е веројатно дека момчињата биле сведоци на друго кривично дело.

Досега на информативен разговор биле над 100 лица, но нема осомничени за убиството. Клучни ќе бидат и исказите на семејствата на жртвите кои од разбирливи причини вчера и завчера не биле на распит.

МВР за сега нема повратна информација од службите на соседните земји, кои се подготвени за соработка во расчистување на петкратното убиство. Јанкулоска повтори дека е тоа најтешко кривично дело со кое МВР досега се соочило. Рече и дека состојбата е мирна и оти ноќта поминала без нарушувања на јавниот ред и мир.