1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јанукович очекува отстапки од опозицијата

ЖА/миа/афп15 февруари 2014

Украинскиот претседател Виктор Јанукович синоќа побара и опозицијата да направи некои отстапки откако украинските власти ги ослободија уапсените учесници во протестите.

https://p.dw.com/p/1B9fu
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Не сакам да водам војна. Сакам да ја сочувам државата и таа да продолжи стабилен развој. Бараме од опозицијата и таа да направи некои отстапки“, изјави Јанукович.

Не е веројатно дека апелот на Јанукович ќе има одѕив кај демонстрантите, кои повеќе од два месеци го окупираат централниот киевски Плоштад на независноста и околните јавни згради.

Реонскиот суд во Киев ги ослободи вчера од притвор сите приведени учесници во масовните протести, соопшти украинското МВР. Претходно, штабот на демонстрантите соопшти дека и последниот приведен е пуштен и веќе сите 234 уапсени учесници во протестите се на слобода.

На 2 февруари стапи во сила закон за амнестија, договорен со лидерите на украинската опозиција, кој предвидува сите демонстранти да бидат ослободени. Демонстрантите се обврзани за 15-дневен рок да ги исполнат барањата на властите, вклучувајќи да ги ослободат сите окупирани објекти на органите на државната власт и локалната самоуправа. Рокот истекува на 17 февруари.