1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јапонија: Борбата против дефлацијата дава резултати

ЖА/дв/дпа/макфакс27 септември 2013

Додека во другите земји, меѓу кои и Германија, постојано се предупредува од инфлација, Јапонија посакуваше покачување на цените. Се чини дека желбата на Јапонците е исполнета.

https://p.dw.com/p/19pX0
Фотографија: Reuters

Инфлацијата во Јапонија достигнала во август највисоко ниво во последните пет години, иако денеска (27.09.2013) објавените податоци покажуваат дека нејзиниот раст е поттикнат од огромните трошоци за енергијата, што значи дека планот на владата за поттикнување на домашната побарувачка сѐ уште не го дава целосно посакуваниот ефект.

Индексот на потрошувачките цени кои не ги опфаќаат варирачките трошоци за свежа храна пораснал во август 2013 година за 0,8 отсто во однос на истиот месец претходната 2012 година. Тоа е најголемиот раст од ноември 2008 година, кога скокна за 1,0 отсто, а воедно се надоврзува и на растот во јуни и јули.

Новите податоци веројатно ќе претставуваат добра вест за владата на премиерот Шинзо Абе. Тој вети дека ќе ја извлече Јапонија од 15-годишниот период на дефлација со комбинацијата од мерки коишто опфаќаат зголемување на платите и цените за да се заживее економскиот раст.

Охрабрувачкиот ефект од овие резултати го задушува, сепак, фактот дека индексот пораснал поради повисоките цени на горивото, а не поради поголемата побарувачка на производи од домаќинството и облека на коишто се темели стопанството. Увозот на енергенси скокнал по нуклеарната катастрофа во Фукушима во март 2011 година, поради што Токио донесе одлука за затворање на нуклеарните реактори.