1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Nachrichten Wirtschaft

29 март 2011

Јапонската влада размислува за привремено подржавување на фирмата Тепко, која управува со централата Фукушима. Расположението за трошење кај Германците слабее. Хуго Бос планира година на рекорди. Економски вести:

https://p.dw.com/p/10jUW
Седиштето на Тепко ( Зградата во подножјето на телекомуникацискиот столб)Фотографија: AP

Инфлацијата ја намалува потрошувачката

Поради растечкиот страв од инфлација и немирите во Северна Африка, расположението за трошење на германските потрошувачи во март е намалено. Здружението за истражување на потрошувачката соопшти дека растечкиот тренд на трошење е запрен. Индексот на потрошувачката клима во април ќе се намали од 6 на 5,9 поени. За ваквиот надолен тренд е виновен пред се‘ конјуктурниот песимизам, кој се зголемува, соопштија истражувачите од Нирнберг. Освен тоа, многу домаќинства сметаат со нешто помали примања во споредба со изминатите месеци, па ги намалуваат и издатоците. Сепак, вкупно погледнато, расположението за трошење е и натаму на високо ниво.

Шојбле: Нема простор за намалување на даноците

Германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле нема намера со намалување на даноците да им помага на либералите, кои на покраинските избори за време на викендот претрпеа тешки загуби. „Немавме и немаме простор за намалување на даноците со оглед на состојбата со новото задолжување“, вели министерот за денешен „Билд“, додавајќи дека тој простор треба допрва да се создаде. Сепак, Шојбле ветува: „Кога ќе создадеме простор за тоа, ќе го искористиме“. Шојбле предупредува дека не треба да се имаат преголеми очекувања и надежи по ова прашање. Либералите веќе подолго време притискаат за намалување на даноците што побргу и се надеваат дека опоравувањето на конјуктурата би можело да даде предуслови за тоа. ФДП, сепак, прифати дека пред се‘ би требало да се санира државниот буџет.

Јапонија ќе го подржави Тепко?

Јапонската влада размислува за привремено подржавување на фирмата Тепко, која управува со атомската централа Фукушима. Владата би можела да го преземе поголемиот дел од фирмата и да стави рака во делот на менаџментот на Тепко, пишува денеска весникот „Јомиури“, повикувајќи се на неименувани извори во владата. Владата го демантира извештајот, а портпарол на Тепко изјави дека не му е познато ништо за постоење на такви планови. Според него, најважна задача е да се спречи влошување на состојбата во атомската централа. Тепко, и по двеипол недели од катастрофата во Јапонија, нема контрола врз својата атомска централа.

Хуго Бос планира уште една година на рекорди

Модната куќа „Хуго Бос“ планира во тековнава 2011 година да оствари двоцифрен пораст на добивката. По „успешниот почеток“ на 2011 година, претпријатието очекува плус од најмалку 12%, соопшти „Хуго Бос“ денеска. „Очекувам во 2011 година да ја надминеме значително најдобрата бројка од претходната година“, изјави првиот човек на Управниот одбор на „Хуго Бос“, Клаус-Дитрих Ларс.

Автор: Жанг Данхонг / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Симе Недевски