1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

210311 Japan AKW Landwirtschaft

21 март 2011

Додека течат напорите за спречување на уште поголема катастрофа во атомската централа Фукушима 1, растат вредностите на радијација во непосредната околина. Најпогодено е земјоделството.

https://p.dw.com/p/10dJV
Се` уште не постои акутна опасностФотографија: dapd

Бел чад е забележан денеска (21.03) од реакторите 2 и 3 во јапонската нуклеарна централа Фукушима 1, тешко оштетена од неодамнешниот земјотрес и цунамито. Екипите мораа во два наврати да бидат повлечени од теренот, поради зголемената опасност. Јапонскиот премиер Наото Кан денеска изјави дека неговата земја ја совладува опасноста, „полека, но сигурно.“ И шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија, Јукија Амано, денеска рече дека „не се сомнева“ оти Јапонија ефикасно ќе го надмине проблемот.

Но, оштетената нуклеарна централа и натаму испушта радиоактивни материи во атмосферата, кои претставуваат се` поголем проблем за земјоделците во непосредна околина. Во провинцијата Фукушима и во околните Ивате и Ибараки пронајден е радиоактивен јод во спанаќот, кој ја преминува максимално дозволената граница за 27 пати. Зголемено озрачување е забележано и во млекото од околината на Фукушима. Властите апелираа до населението да не ги купува озрачените прехранбени производи, но не издадоа официјална забрана за продажба, бидејќи не постоела акутна опасност.

Блага вознемиреност кај граѓаните

Минатиот викенд токсична вода за пиење беше пронајдена и во главниот град Токио, околу 240 километри од нуклеарката.

Сепак, голем број муштерии на токиските пазари не реагираат многу возбудено: „Рекоа дека зеленчукот е безбеден, мора само добро да се измие. Затоа не сум многу загрижена“, вели оваа жителка на Токио.

Но, и покрај тоа, се забележува опаѓање на продажбата. Еден од трговците со зеленчук вели:„Веќе забележуваме дека многу луѓе стравуваат оти и кај нас зеленчукот би можел да биде озрачен.“

NO FLASH Japan Atomkraftwerk Fukushima Rauch 21.03.2011
Кан: Ја совладуваме опасноста полека, но сигурноФотографија: Tepco/Kyodo/AP/dapd

Страв за најхрабрите

И додека Токио засега останува релативно поштеден од радиоактивно загадување, регионите северно од нуклеарката Фукушима 1 веќе ги чувствуваат последиците. Во провинцијата Сендаи, на пример, луѓето се обидуваат да се заштитат, колку што е можно подобро. Кавами, млад работник во една фабрика, истакнува: „Навистина сум вознемирен поради радиоактивното зрачење. Се обидувам постојано да ги следам случувањата, слушам цел ден радио, а кога излегувам надвор, секогаш носам заштитна маска и се обидувам да не вдишувам премногу длабоко.“

Инженерите на теренот и натаму се обидуваат да ги оладат реакторите 3 и 4 во Фукушима, меѓутоа ниту тие не се отпорни на високата радијација со која се соочуваат при вршењето на нивната задача. За нив особено опасни се радиоактивните честички во воздухот. Околу триста пожарникари, војници и техничари на фирмата-оператор со нуклеарката, Тепко, во смени работат на нормализирање на состојбата. И покрај големиот ризик, и натаму се јавуваат се` поголем број доброволци.

Властите сооппштуваат дека реакторите 5 и 6, кои не се оштетени, повторно се приклучени на струјната мрежа.

Автор: Бернд Муш - Боровска/ Трајче Тосев

Редактор: Александра Трајковска