1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јапонија со леден ѕид ќе ја намалува радијацијата од Фукушима

АТ/ дпа/ ртр/ афп7 август 2013

Јапонската влада го презема кризниот менаџмент околу хаварисаната атомска централа Фукушима, откако во јавноста се појавија информации дека од руините истекуваат огромни количини радиоактивна вода.

https://p.dw.com/p/19LTY
Фотографија: AFP/Getty Images

Свеста за кризата кај управувачот со хаварисаната нуклеарка Фукушима, енергетскиот концерн „Тепко“ е ниска, соопшти владин претставник во Токио. Затоа фирмата не би можело да биде преупштена сама на себе во борбата со оваа катастрофа.

Премиерот Шинзо Абе најави итни мерки. По тешкиот земјотрес и унишувачкото цунами на 11. март 2011 година во Фукушима дојде до топење на нуклеарното јадро, бидејќи откажаа системите за ладење.

Според податоците на Министерството за индустрија во моментов секојдневно истекуваат, според проценките 300 тони радиоактивно озрачена вода од уништената атомска постројка во океанот. Веќе две години протекува озрачена вода од рушевината во морето. Контаминацијата на морето сепак била ограничена на области во близина на атомската централа, се вели во еден извештај на агенцијата Кјодо.

Огромните маси радиоактивно озрачена вода претставуваат еден од најголемите проблеми за работниците кои работат на санација на Фукушима. Притоа не станува збор само за огромните водени маси, кои се впумпуваат за постојано неопходното ладење на реакторите. Отежнувачка околност е што секојдневно околу 400 тони подземни води навлегуваат во објектот на реакторот и таму се мешаат со контаминирана вода за ладење. Имено 85 проценти од капацитетот на цистерните, кои можат да примат 380.000 тони вода, се исполнети.

За да се спречи натамошно влегување на вода во комплексот сега треба да биде подигнат подземен ѕид со замрзната земја околу зградата на реакторот, информира Кјодо. За тоа во земјата треба да бидат поставени цевки со хемиски средства за смрзнување. Со оглед на тоа што фирмата управител „Тепко“ е секако финансиски многу оптоварена, оваа мерка мора да ја финансира дражвата, соопшти портпарол на владата. Изградбата на заштитен ѕид од замрзната земја е беспримерна постапка во светот.

И покрај хаваријата во Фукушима Јапонија и натаму опстојува на користење на нуклеарната енергија. Институтот за енергетско стопанство вчера (06.08.) соопшти дека по проверката и опремувањето според новите безбедносни стандарди, нуклеарките кои беа затворени по катастрофата во Фукушима би можеле повторно да бидат активирани во јули 2014 година. Пред катастрофата во Фукушима во март 2011 година Јапонија произведуваше една третина од електрицитетот со нуклеарна енергија.