1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Јапонија ќе ја надмине кризата“

18 март 2011

Опасноста од топење на јадрото на нуклеарните реактори во Фукушима се’ уште не е отстранета. Премиерот Наото Кан ги повика сограѓаните на храброст во соочувањето со најголемата катастрофа по Втората светска војна.

https://p.dw.com/p/10c7H
Јапонскиот премиер Наото КанФотографија: AP

Шест водени топови на јапонската армија веќе два дена непрекинато ги залеваат загрозените реактори на централата Фукушима 1, а од денеска им се приклучи уште еден од САД. Техничките служби, пак, трескавично работат на поправката на снабдувањето со електрична енергија на постројките за ладење на реакторите, во надеж дека тие уште можат да функционираат. Јапонската Агенција за атомска енергија во меѓувреме го покачи степенот на нуклеарна тревога од четврти на петти од вкупно седум степени, што значи дека опасноста не се смета понатаму за локален проблем, туку ја засега и пошироката околина.

Директорот на Меѓународната агенција за атомска енергија Јукија Амано, кој е исто Јапонец по националност, оцени дека ситуацијата е многу сериозна:

Japan Atomkrise Fukushima Reaktor
Што ли се случува во реакторот број 3?Фотографија: AP/Kyodo News

„Овде станува збор за многу сериозен случај. Меѓународната заедница е вознемирена. Важно е Јапонија сега да соработува со меѓународните партнери“, побара Амано, кој во меѓувреме допатува во Токио.

„Нема место за многу оптимизам“

И премиерот Наото Кан ја оцени ситуацијата во Фукушима како многу сериозна и појасни дека нема простор за многу оптимизам. Тој на прес-конференцијата, што ја пренесуваше државната телевизија, ги охрабри сонародниците да издржат во мигот на тешки искушенија. Јапонија ги здружува сите расположливи сили за да се соочи со последиците од трите катастрофи: земјотресот, цунамито и нуклеарките. Јапонската нација ќе ги надмине сите тешкотии и ќе се опорави, порача Кан со насолзени очи.

Нови јунаци од Токио

На екипите на теренот денеска им се приклучија и 140 пожарникари од Токио, кои со 30 возила за посебни намени се обидуваат да го ладат третиот реактор во Фукушима. Пред почетокот на мисијата, на пожарникарите им се обрати раководителот на службата, Јуџи Араи:

„Треба да очекуваме големи потешкотии при нашата мисија. Станува збор за навистина опасен ангажман. Угледот на Јапонија и животот на голем број луѓе зависат сега од вас!“

Автор: Кристина Кифнер / Горан Чутаноски

Редактор: Симе Недевски

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема