1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јапонците ја зачуваа смиреноста

14 март 2011

Јапонија се соочува со катастрофа од огромни размери, а Јапонците реагираат смирено и воздржано. Пиа Томоко Мајд, раководител на германско-јапонското друштво смета дека тоа се должи на менталитетот на граѓаните.

https://p.dw.com/p/10YnZ
Фотографија: AP

Јапонија е погодена истовремено од повеќе катастрофи - прво, силниот земјотрес, потоа цунамито, а веќе неколку денови земјата се бори со проблемите во нуклеарните централи, во прва линија со топењето на нуклеарното јадро во реакторите на нуклеарката Фукушима 1. Меѓутоа, сликите кои доаѓаат од Далечниот Исток се по малку зачудувачки за Европјците. Имено, и покрај големиот пустош на североисточното крајбрежје и постојаните земјотреси, Јапонците ја задржаа смиреноста и насмевката на лицата. На што се должи тоа?

Пиа Томоко Мајд, раководител на германско-јапонското друштво во Диселдорф, за првата програма на германската телевизија, околу тоа дали граѓаните се во шок и зошто реагираат, отстрана погледнато, со таква смиреност, истакнува: „Мислам дека е мешавина. Од една страна, Јапонците по природа се многу повлечени кога станува збор за изразување на емоциите. Едноставно не сакаат да ги оптоваруваат другите со сопствените чувства. Тоа го објаснува и однесувањето, зошто многумина кога ги интервјуираа секогаш се со насмевка. Тие велат: ’Страшно, останав без дом’ и се со насмевка на лицето. Така е, бидејќи не сакаат да им пренесат лошо чувство на другите. Се разбира станува збор и за шок. Едноставно премногу е она што го доживуваат и го гледаат околу себе, така што прво се повлекуваат во позиција, во која може да ја зачуваат смиреноста и да не отскокнат од групата.“

Јапонците не сакаат да им бидат товар на другите

Ваквото здружување во група е воедно дел од менталитетот на Јапонците. Според нивното сфаќање, ако некој ја изгуби контролата, тогаш истовремено станува товар за другите, кои исто така не се во подобра ситуација. Јапонците се обидуваат заеднички да ја пребродат ситуацијата, вели Томоко Мајд и подвлекува дека групата ја има одговорноста за чекорите кои ги презема: „Најчесто станува збор за динамика на самата група. Кај Јапонците секогаш е тешко, да се утврди како е донесена одлуката, кога пред себе имате една група, која носи одлука. Тоа исто така значи дека сите стојат зад одлуката. Може да се пратпостави исто така дека групата се грижи за поединецот“, смета Томоко Мајд.

Јапонците се воздржани и кога станува збор за хуманитарната помош. Зошто? „Прво се обидуваат самите. Прво мора самиот да знаеш за што станува збор. Кога знаете што ви треба, тогаш немате проблем да кажете тоа.“

Дури сега спасувачките екипи од повеќе земји полека стигнуваат до погодените региони. САД, Кина, Германија - досега 70 земји и‘ понудија помош на Јапонија. Јапонската влада проценува дека станува збор за најголемата катастрофа во земјата по Втората светска војна.

Автор: Свен Лориг/ Александра Трајковска/ ртре

редактор: Симе Недевски