1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЈАР добар домаќин?

4 јуни 2010

ЈАР е домаќин на СП во фудбал 2010. Земјата сигурно ќе сака да се презентира како отворена и либерална држава. Но, надвор од стадионите, за многумина Африканци земјата на Р’тот е опасна.

https://p.dw.com/p/NgJY
Сомалиец во „Спаца“- шопФотографија: DW

Заид Али Мохамед е бегалец од граѓанската војна во Сомалија, пред 13 години. Патувал со брод кон Мозамбик и оттаму дошол во Јужноафриканската Република. Во Миделберг, на два часа оддалеченост со автомобил од Јоханесбург, Заид, со мал почетен капитал отвори т.н „Спаца“ - шоп, односно продавничка каде Јужноафриканците пазарат за дневните потреби, леб, млеко и овошје. „Сијабонга“ се вика неговиот минимаркет, што на зулу значи „Ви благодариме“.

Ausländerfeindlichkeit in Südafrika
„Спаца“- шопФотографија: DW

Денес, Заид се смее за иронијата, оти неговите јужноафрикански соседи не се покажаа посебно благодарни, тие му префрлаат дека им ги зема муштериите. „Тие не‘ дискриминираат. Со погрдни зборови не‘ викаа ’Макхула’ - ’Индиец’. Но, јас не сум Индиец, јас сум Африканец. Тие ни‘ се љубоморни, не сакаат да работат или не можат да си го задржат работното место. Нивните продавници се празни. Кога ќе ги видат нашите киосци, стануваат љубоморни и тогаш почнуваат проблемите.“

Непријателството кон странците е широко распространето

На 29 март годинава, група вооружени мажи ја опустошија „Сијабонга“. Заид не беше повреден, имаше голема среќа. Други Сомалијци, поради нивните трговски способности, плаќаат со живот. На неговиот лаптоп, шеик Амир Хусеин покажува фотографии од убиени сограѓани, сликани во мртовечници во Јужноафриканската Република. Шеик Амир е претседателот на Здружението за заштита на интересите на Сомалијците во Јужноафриканската Република. „Оваа прва слика е фотографија од одреден Амфас. Тој беше првата сомалиска жртва во ЈАР. Еден ден дојде толпа, му ја ограби продавницата и го уби на лице место.“

Ausländerfeindlichkeit in Südafrika
Заид Али МохамедФотографија: DW

Само во 2008 година беа ограбени 1.500 сомалиски продавници, убиени беа 109 Сомалијци. Хорор година, вели Амир. Банди Јужноафриканци одеа низ градовите, од врата до врата и тешко на оној кој е од Зимбабве или Сомалија. Дури откако на 26 септември беше убиена сомалиска жена и нејзините три деца, јужноафриканската јавност и политиката го сврте вниманието кон бранот непријателства кон странците.

Додека Јужноафриканската Република ги врши последните подготовки за Светското првенство, многу луѓе од Зимбаве, Конго и Сомалија стравуваат од најлошото, кога ќе се исклучат камерите: „Тогаш ќе ве протераме дома“, им велат постојано деновиве. За време на Апартхејдот, Јужноафриканците повеќе децении бараа прибежиште во соседните земји. Сега е прашањето дали Јужноафриканската Република, и по Светското првенство во фудбал, ќе биде добар домаќин.

Автор: Лудгар Шадомски / Александра Трајковска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска