1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јас Тарзан, ти Џејн

Катарина Вилхелм/ Жана Ацеска27 август 2012

Пред сто години се „роди“ Тарзан, но како литературен лик. Триумфот на човекот со парче кожа околу колковите не создаде ѕвезда само од неговиот автор, туку и од американскиот пливач.

https://p.dw.com/p/15xRF
Фотографија: AP

Без сомнение, Тарзановиот крик е длабоко врежан во колективното сеќавање на цели генерации. Но, на почетокот, пред сто години, кога Тарзан ја здогледа светлината на денот, крикот од џунглата можеше само да се замисли. Тарзан беше лик од роман, а негов креатор - писателот Едгар Рајс Бараоуз од Чикаго.

Тарзановиот „јазик на луѓето“

Накратко, Тарзан, односно лордот Грејсток, неговите родители го загубиле како бебе на бреговите на Африка. Го нашле мајмуните, со кои и израснал. Кога Тарзан ја запознава Џејн, ќерката на еден научник, се заљубува во неа без оглед на почетните проблеми во комуникацијата, зашто Тарзан не го знаел „јазикот на луѓето“.

Tarzan Comics 100 Jahre Zeichentrickfilm
Фотографија: picture-alliance/dpa

Бароуз напиша 23 продолженија, а успехот беше огромен. Првиот филм за Тарзан беше снимен во 1918. година, а прв глумец кој го облече костумот на човекот од џунглата беше Елмо Линколн. Но, најпопуларен Тарзан беше американскиот пливач Џони Вајсмилер. Меѓу 1932. и 1948. година тој 12 пати го играше Тарзан, секогаш со неповторливиот крик. Никој не знае од каде потекнува идејата за овој крик, но тој всушност е микс на десет различни аудио елементи, кои делумно се снимани наназад. Така се дојде до оригиналниот звук.

Подарок за писателот

За Тарзан се снимени вкупно стотина филмови, меѓу останатите Тарзан го глумеа Лекс Баркер, Гордон Скот и зетот на Бароуз, Џејмс Пирс. Најактуелна верзија е цртаниот филм кој го создаде Дизни во 1999. година со две продолженија во 2001. и во 2005. година. Потоа дојде на ред мјузиклот на Бродвеј, кој од 2008. година се игра и во Хамбург. И музичарите на различен начин се занимаваа со ликот на Тарзан.

Tarzan Comics 100 Jahre Titelseite Tarzan Almanach
Фотографија: picture-alliance/maxppp

Темата бебе кое го одгледале диви животни не е нова, зашто уште Радијард Киплинг ја напиша својата „Книга за џунглата“. Ако се оди подалеку во историјата, се стигнува и до стариот Рим и приказната за Ромул и Рем, кои ги одгледала волчица. Тарзан го отсликува човечкото тежнеење за поврзување со природата. Истовремено и уште повеќе од тоа - Тарзан е симбол на дивиот и нескротлив човек.

На самиот Бароуз Тарзан му подари она на што чекал цел живот - богатство. Од првото издание на неговата приказна за Тарзан тој купил парче земја во Калифорнија, во близина на Лос Анџелес. Тоа место од 1923. година се вика Тарзана.