1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

091011 Merkel Sarkozy

10 октомври 2011

За спасот на еврото синоќа (09.10) во Берлин разговараа канцеларката Ангела Меркел и францускиот претседател Никола Саркози. Работата е сериозна, конкретни предлози се‘ уште нема.

https://p.dw.com/p/12olc
Состојбата е многу сериозна - Саркози и Меркел вчеравечер во БерлинФотографија: dapd

Британскиот премиер Дејвид Камерон ги повика земјите од еврозоната да преземат брзи и решителни мерки за надминување на должничката криза. Во спротивно, на земјите од зоната им се заканува економска катастрофа и тоа за само неколку недели. Тој апелираше до Германија и Франција да ги надминат разликите и да преземат колективна одговорност. За спасот на еврото синоќа во Берлин разговараа канцеларката Ангела Меркел и францускиот претседател Никола Саркози.

Кога лидерите на двете најголеми економии во Европа се среќаваат в недела навечер, тогаш состојбата мора да е многу сериозна. Канцеларката Ангела Меркел и претседателот Никола Саркози тоа не го ни кријат, но истовремено се обидуваат да создадат впечаток дека политиката се’ уште ја има ситуацијата под контрола. Така, на заедничката прес-конференција, Ангела Меркел порача дека владите ќе сторат се’ за да одбегнат нова банкарска криза поради напнатата ситуација околу Грција.

„Решени сме да го сториме неопходното за да обезбедиме рекапитализација на нашите банки, бидејќи солидното снабдување со кредити е подлога на добриот економски развој!“

На прашањето како да дојдат банките до свеж капитал, Меркел и Саркози не дадоа одговор. Тие само ветија дека до крајот на месецот ќе објават сеопфатна програма за спас на еврото и стабилизирање на банките, која ќе се разгледува на самитот на Групата 20 во Кан, на почетокот од ноември. Во повеќе наврати и Меркел и Саркози нагласија дека заеднички ќе преземат одговорност за Европа и посочија дека постои согласност околу темелните принципи.

Angela Merkel und Nicolas Sarkozy in Berlin
Фотографија: dapd

Ни збор за банкрот на Грција

Ни едниот, ниту другиот меѓутоа, не рекоа ништо за разликите околу можниот банкрот на Грција. Дипломатски извори тврдат дека Меркел веќе не ја исклучува таквата опција, додека Саркози не сака за тоа ни да чуе, бидејќи повеќе француски банки имаат големи износи грчки државни обврзници.

„Во контакт сме со тројката. Грција е дел од еврозоната и ќе најдеме решенија за да ја обезбедиме финансиската стабилност на Европа, а во исто време ќе најдеме и трајно решение за проблемите во Грција!“

Тројката, меѓутоа, на викендот соопшти дека реформите во Грција се одвиваат бавно и побара засилени реформски напори од владата во Атина. И додека тројката проверува дали Грците ќе ги исполнат условите за следната транша помош, берзите шпекулираат колкав дел од грчките долгови ќе мора да се отпише и кои банки ќе бидат најтешко погодени.

Автор: Сабине Кинкарц / Горан Чутаноски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска