1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Ја преживеав Хирошима“

6 август 2010

Секоја година, на 6 август, светот се сеќава на ужасот во Хирошима. Германскиот свештеник Клаус Лумер тој топол летен ден, пред 65 години, бил на само неколку километри од центарот на Хирошима, и преживеал.

https://p.dw.com/p/OdVz
Американската армија на 6 август 1945 година фрли атомска бомба врз ХирошимаФотографија: AP

6 август 1945 година. Жежок ден во Хирошима. Уште рано наутро температурата изнесува 30 степени под сенка. Германскиот свештеник Клаус Лимер излегол во градината на училиштето за езуити (исусoвци) во Хирошима и ја извршувал традиционалната секојдневна молитва. Одеднаш слушнал нешто што му го одвлекува вниманието:

„Во 8:14 часот најпрво слушнав звук од бомбардерот Б29, а потоа се случи нешто што навистина не можев да го разберам. Блесна нешто посилно од сонцето, ми личеше на еден вид полутопка. Инстинктивно помислив дека тоа е обична бомба која експлодирала зад некој од околните ридови.“

Црн дожд со пепел по експлозијата


Pater Klaus Luhmer
Петер Клаус Лумер беше сведок на ужасот во ХирошимаФотографија: Pater Klaus Luhmer

Но, она што Клаус Лумер го видел тоа утро не беше обична бомба. Тоа беше детонација од атомска бомба, на четири километри оддалеченост од него, во центарот на Хирошима. Лумар побарал засолниште во градината. Се стрчал надолу по скалите кои водат до подрумот на куќата. Во последен момент успеал да се спаси:

„Кога го видов тој блесок, ме обзеде топлотен бран. А потоа притисок. Куќата се нишаше, три четвртини од ќерамидите паѓаа како дожд, а сите прозорци се скршија. Околу целата куќа имаше парчиња од скршените прозорци и ќерамиди.“

Набргу потоа британскиот канал БиБиСи прв ја објави веста: САД фрлија атомска бомба во Јапонија. Во самата Хирошима луѓето не знаеја ништо за тоа. За да види што се случува, Клаус Лумер се качил на ридчето зад куќата. Од горе видел дека цела Хирошима гори. Тој забележал уште нешто:

„Небото дотогаш беше ведро. Но, одеднаш кога стоев на височинката видов дека на небото се создаваат црни облаци и почна да врне, тоа беше црн дожд. Тој беше полн со пепел, кој го подигна ураганот во градот и сега во форма на црн дожд се враќаше на земјата.“

Ужасна глетка со многу жртви


In diesem Haus hat Klaus Luhmer den Atombombenabwurf erlebt
Училиштето на езуитите во близина на ХирошимаФотографија: Privatbesitz Klaus Luhmer

Набргу потоа тој се вратил во езуитското училиште, каде веќе успеале да се довлечкаат првите жртви од градот. Кожата од коските им висела како крпа, дел од ткаенината од нивната облека се залепила за кожата. Свештениците реагирале брзо и трпазариската маса ја искористиле како лежалка за лежење, и почнале со лекување на повредените. Се` уште не можеле да сфатат што се случува. Само им било јасно дека итно е потребна помош.

Неколку свештеници тргнале кон градот, на патот наишле на многу повредени кои се обидувале да побегнат. Во градот тие наишле на ужасна глетка, се‘ наоколу било во пламен, разурнати куќи и продавници, во урнатините мртви и повредени: „Имаше околу триесет, четириесет војници во комплетна униформа, полуизгорени. Тие не викаа, ниту пак плачеа, само бараа „Misumisumisi“, значи вода, вода. Успеавме да им помогнеме оти во близина имаше бунар и можевме да им дадеме вода. Но, што може да направи некој сам. Беа потребни десетици, стотици раце за да ги транспортираат најтешко повредените“, се сеќава Лумар.

Езуитите два дена помагале во разурнатиот град. Потоа јапонската војска херметички ја затвори Хирошима и во градот ги прати своите војници.

„Нивна задача беше да ги извадат труповите од урнатините до кои имале пристап, и да ги фрлат на еден куп, ги полеваа со бензин и ги палеа, од луѓето остана само пепел. И денес тие се водат како исчезнати. На тој начин на 8 август го ’исчистија’ градот од труповите“, вели Лумар.

Автор: Силке Балвег / Јасна Мушиќ Јанчулева

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска