1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јемен може да стане буре барут

23 март 2011

Долгогодишниот претседател Али Абдула Салех полека, но сигурно ја губи моќта над Јемен. Протестното движење, меѓутоа е уште похетерогено отколку во другите арапски земји и би можело наскоро повторно да се растури.

https://p.dw.com/p/10gAP
Картата на Јемен

Експертот за Јемен, Грегори Џонсен, на следниов начин го опишува хетерогеното опозициско движење во земјата, кое сака да го принуди Салех на оставка :

„Растечкиот број луѓе, кои се приклучуваат на протестното движење, во меѓувреме опфаќа припадници на различни сепаратистички групи од југот, бунтовници од северот, претставници на племињата од внатрешноста на земјата, потоа студентски активисти, како членови на партијата на Салех и припадници на армијата“, вели Џонсен, според кого Салех успева толку долго да остане на власт, благодарение неговиот изразен талент за патронство и манипулација.

„Кога дојде во 1978 година никој не сметаше дека тој ќе остане на власт повеќе од два месеци, пред да биде сменет или убиен“, вели Елхам Манеа професор по политички науки на Унивезитетот во Цирих, по потекло од Јемен.

Dossierbild 3 Proteste im Jemen
Протестите во Јемен траат повеќе од еден месецФотографија: picture alliance/dpa

На претседателот му снемаа пари

Меѓутоа, во јеменското општество, во кое традиционално владеат племиња, Салех се покажа како мајстор на политичкото преживување, при што го перфекционира системот на патронство, во кој на стратешки важни функции сукцесивно поставуваше членови на семејството, но и политичка манипулација:

„Претседателот Салех се одржа на власт изигрувајќи ги политичките ривали. Тој успеваше да ги заврти еден против друг , наместо тие да се обединат против него. Но, токму тоа се случува сега. Сите негови непријатели се здружија во привремена алијанса, принуден сојуз и го имаат него на нишан“, вели Џонсен.

Уште еден од начините на кој Салех ги смируваше противниците беа финансиски благодети.

Но, за такво нешто, на Салех, кој владее со северен Јемен од 1978, а со југот од 1990 година, по повторното обединување на земјата, пополека му снемаа пари. Како прво производството на нафта, кое сочинува 75 проценти од буџетот значително се намали, а како второ државните издатоци постојано растат, бидејќи бројот на населението многу бргу се зголемува и во Јемен владее масовна невработеност од 35 проценти.

Jemen Präsident Ali Abdullah Saleh lehnt Rücktritt ab
Јеменскиот претседател Али Абдула СалехФотографија: dapd

Каква влада по Салех?

Нерешливите племенски конфликти, активното присуство на терористичката мрежа Ал Каеда, огромна корупција и недостатокот од цврсти државни структури се закануваат од Јемен да направат пропадната држава. Се проценува дека 50 милиони парчиња оружје има во оптек во Јемен, кои од земјата можат да направат буре барут. Експертот Грегори Џонсен со песимизам гледа на блиската иднина на земјата:

„Во моментов е сосем јасно дека претседателот Салех нема уште долго да остане на власт и оти мора да има политички пресврт, кој може да биде мирен или насилен. Опозициската алијанса по повлекувањето на Салех повторно ќе се растури на поединечни делови. Но, каков вид на влада ќе дојде по Салех, во моментов е отворено прашање.“

Автор: Доминик Петерс / Симе Недевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска