1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јеремиќ: Србија нема да ја повлече резолуцијата

6 септември 2010

Српскиот министер за надворешни работи Вук Јеремиќ изјави дека Србија не планира да ја повлече резолуцијата за Косово што ја поднесе во Генералното собрание на ОН, додавајќи дека таа не е цел, туку средство.

https://p.dw.com/p/P599
Вук ЈеремиќФотографија: DW

За телевизијата Б92, Јеремиќ најави дека на утрешната средба на српскиот претседател Борис Тадиќ и првиот дипломат на ЕУ Кетрин Ештон главно ќе се разговара за тоа како дебатата во ОН да се заврши со политички договор.

„Не планираме да ја повлечеме нашата резолуција, но се водат интензивни разговори и преговори со сите меѓународни чинители, вклучувајќи ги и оние од ЕУ. Ако биде постигнат договор, тогаш тој може да биде спроведен и без повлекување на резолуцијата“, изјави српскиот министер за надворешни работи Вук Јеремиќ за телевизијата Б92.

Отворање пат кон нови преговори

Според Јеремиќ, резолуцијата не е цел, туку средство за постигнување на целта. Тој рече дека Србија на 9 септември, на седницата на Генералното собрание на ОН, сака да постигне окончување на процесот пред Меѓународниот суд на правдата и сака заклучокот да биде таков што ќе овозможи продолжување на напорите Србија да се спротивстави на едностраното прогласување на косовската независност.

Friedensmissionen UN Generalversammlung
Српската резолуција ќе се разгледува на Генералното собрание на ОН на 9 септемвриФотографија: AP

„Друга цел на Србија е отворање пат за нови преговори кои ќе доведат до компромисно решение за Косово. Трето, сакаме да воспоставиме регионален мир и стабилност, отстранувајќи ја опасноста од воспоставување преседан со еднострани акти да се создаваат нови држави и четврто, да не влегуваме во судир и конфронтации со земјите со кои утре сакаме да бидеме партнери во ЕУ“, изјави Јеремиќ за Б92.

Шефот на српската дипломатија подвлече дека Србија ќе стори се‘ за да се најде заеднички јазик, со што сите би биле задоволни, додавајќи дека е свесен оти Србија на заседанието на Генералното собрание на ОН не оди како „фаворит“. Тој додаде дека Србија во консултациите со партнерите се залага за текст на резолуција кој би им овозможил на сите земји, па и на Србија, да застанат зад него и дека целта на таков текст е да оневозможи да се одобри прогласувањето независност на Косово.

Автор: ЕМФ/АТ/бета/дв

Редактор: Жана Ацеска