1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јолевски: Македонија е подготвена на подобрување на добрососедските односи со Грција

ЖА/миа11 јули 2012

Воведувањето налепници за македонските возила од страна на Грција е спротивно на Времената спогодба и трговската и туристичка размена меѓу двете земји, вели македонскиот преговарач во спорот за името, Зоран Јолевски.

https://p.dw.com/p/15V46
Зоран ЈолевскиФотографија: Petr Stojanovski

„Со формирањето на новата грчка влада се надевам дека наскоро процесот околу спорот за името ќе се придвижи. Македонската влада неодамна повторно и‘ препорача на Грција да биде потпишан договор за добрососедски односи, што ќе биде добар чекор за засилување на билатералните односи меѓу двете земји“. Ова го изјави македонскиот амбасадор во САД и преговарач во спорот за името, Зоран Јолевски, на предавање во организација на Руми форумот во Вашингтон.

Амбасадорот Јолевски, пред претставници на американски медиуми и на аналитичките центри во Вашингтон, рече дека Македонија заслужува членство во НАТО и отворање на преговорите за членство во Европската унија, за што единствена преостаната пречка е блокадата од страна на Грција.

Јолевски се осврна и на последните чекори на Грција насочени кон македонските граѓани, како што е воведувањето налепници за македонските возила, чекор кој амбасадорот го оцени како целосно спротивен на Времената спогодба од 1995 година и штетен за трговската и туристичка размена меѓу двете земји.

„Многу е важно да има слободно движење на граѓаните, слобода на трговијата, која на сите ни е потребна. Ние ја охрабруваме размената на луѓе и трговија преку границата“, изјави амбасадорот во обраќањето насловено „Интегрирањето на Југоисточна Европа во НАТО и во Европската Унија и улогата на Република Македонија“ во Руми форумот.

Ова обраќање беше дел од серијата слични обраќања кои Руми форумот, влијателна организација од Република Турција која води проекти насочени кон подобро разбирање меѓу разните религии и народи, ги организира за претставниците на дипломатскиот кор во Вашингтон.

Јолевски ја потенцираше соработката меѓу Македонија и САД, истакнувајќи дека во Македонија не постоело поделеност по прашањето на поддршка на американските безбедносни операции во Ирак и во Авганистан, со што земјата и други држави од регионот од потрошувачи станале извозници на стабилност.