1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јосиповиќ: Не го сакам зборот лидер

Синиша Богданиќ/ Жана Ацеска 7 април 2013

Хрватскиот претседател Иво Јосиповиќ за Дојче веле зборува за односите со Србија, политичката ситауција во БиХ и тамошната положба на Хрватите, како и каква е улогата на Хрватска во регионот.

https://p.dw.com/p/18BFv
Фотографија: Martina Maračić

Дојче веле: Медиумите во извештаите за односите меѓу Хрватска и Србија често го користат терминот „замрзнати односи“. Се вели дека изборот на Томислав Николиќ за српски претседател е почеток на заладувањето. Со поранешниот претседател Борис Тадиќ бевте поблиски, неодамна во Загреб заеднички го следевте фудбалскиот натпревар меѓу Хрватска и Србија...

Иво Јосиповиќ: Така е, иако моето задоволство беше поголемо, со оглед на резултатот од натпреварот.

Тезата на медиумите дека настапи ледено доба во односите меѓу Белград и Загреб едноставно не е точна. Таквото тврдење произлегува можеби од нешто поладната реторика со оглед на одделни изјави кои ги чувме од соседот. Ќе потсетам дека се‘ она што се случуваше последните три години има континуитет. Значи, државите соработуваат на решавањето на отворените прашања. Далеку сме од тоа да се решат сите прашања. Соработуваме при прогонот на криминалците, воените злосторници, се отвораат компании од едната и другата страна, играат спортските клубови меѓусебно, уметниците се‘ почесто настапуваат од едната и од другата страна на границата. Нашите политичари се среќаваат не само на мултилатералните состаноци во рамките на разни институции во светот, туку разменуваме и меѓусебни посети. Министерот за надворешни работи на Србија беше кај мене, го примив и началникот на Генералштабот на српската војска. Нашиот премиер беше во посета на Србија, а министерката за надворешни работи неколкупати се сретна со српскиот колега. Ако баш сакате, и во Ватикан се сретнав и се поздравив со претседателот Николиќ. Се разбира, повод за неточните тези зазаладување на односите е што нема официјална средба меѓу мене и Николиќ. Ние ќе се најдеме оној момент кога двајцата ќе можеме да ги увериме своите граѓани дека донесуваме некој добар ветар. За тоа се водат разговори. Ние немаме некои дипломатски спорови и не ни требаат посредници, не е нужно да се среќаваме на неутрален терен.

ДВ: Дали Хрватска и натаму е подготвена да ја помага Србија на пат кон ЕУ?

Јосиповиќ: Апсолутно, не само Србија, туку и останатите соседи. Наша стратешка цел е членство на сите земји од југоисточна Европа во ЕУ. Се разбира, и тие ќе треба како и ние да ги исполнат условите кои им се поставени. Ако им треба, ќе ја имаат нашата политичка и техничка помош.

ДВ: Во споредба со претходните двајца претседатели, многу сте повоздржан во коментирањето на политичката ситуација во БиХ?

Јосиповиќ: Нашата политика е, респектирајќи го суверенитетот на БиХ, да не навлегуваме во внатрешните прашања. Секако, ја почитуваме нашата уставна одредба за помош на хрватскиот народ надвор од Хрватска. Настојуваме да помогнеме во внатрешниот дијалог во БиХ, како што тоа го прави премиерот Милановиќ, како што правеше и претходната влада. Мислам дека тука имаме добри успеси. За тоа не треба да се прави голема реклама и подобро е работите да бидат повеќе во рацете на политичарите во БиХ. Тие имаат историски правно замрсена ситуација. Ним не им е лесно, но го имаат нашето охрабрување и помош, во мерка во која им е потребна.

ДВ: Дали ќе се влоши положбата на Хрватите во БиХ со оглед на претпоставката уште повеќе Хрвати да се иселат од оваа земја при влезот на Хрватска во ЕУ?

Јосиповиќ: Не верувам дека тоа ќе биде повод за поголемо иселување. Некои истражувања го негираат тоа. Главниот фактор на иселувањето не е членството во ЕУ, туку сиромаштијата и немањето работа. Тоа го имаше и ќе го има и без ЕУ. Намерно не зборувам само за Хрватите, зашто има и голем број Бошњаци кои имаат хрватско државјанство, а има и нешто Срби. Тие веројатно ќе станат, или би требало да бидат, проевропски мотор во БиХ. Верувам дека нашиот влез во ЕУ ќе биде дополнителен поттик за БиХ во напорите и таа утре да стане членка.

ДВ: Како ја гледате положбата на Хрватска во регионот во моментов? Мислите ли дека таа е навистина лидер?

Јосиповиќ: Не го сакам тој збор. Тој во извесна смисла имплицира надмоќ во однос на другите земји. Повеќе го сакам зборот партнерство. Во тоа партнерство кое настојуваме да го градиме, не‘ оптоварува историјата, не‘ оптоварува војната. Од друга страна, не‘ поврзува толку многу. Нашиот влез во ЕУ и позицијата ја гледам како поттик за развој на тоа партнерство.