1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Југославија без војна

11 јануари 2012

Весникот „Ноје цирихер цајтунг“ денеска има текст околу обидите на историчарите да ја опишат поновата историја на Југославија и причините за нејзиниот распад и војните што е можно поверодостојно.

https://p.dw.com/p/13hZo

Во текстот со наслов „Југославија без војна“, авторот Андреас Ернст оценува дека „голем дел од историографијата за крајот на втората Југославија е параден пример за тоа што се случува кога историјата се реконструира од нејзиниот крај“. Во текстот во денешен „Ноје цирихер цајтунг“, меѓу другото, се вели:

„Крвавото финале на државата од повеќе народи е познат и, зависно од тоа кој е автор, се констатира дека падот на државата почнал уште на почетокот на седумдесетите години со националните безредија на ’хрватската пролет’, реформата на уставот од 1974 година, или смртта на Тито во 1980 година или подемот на Милошевиќ во 1987 година... На дебатата во Центарот за Југоисточноевропски студии во Грац, на која историчари и сведоци дискутираа за Југославија ’дваесет години потоа’, беа направени обиди за нов пристап, кој го прикажува пропаднатото повеќенародно царство во поинакво светло. Ослободувачки делува тоа што некои контроверзи веќе не се земаат предвид и се ставени ад акта. Меѓу нив е и на Запад проширената теза, според која вековната омраза меѓу народите избила крваво поради тоа што попуштила Титовата железна рака. Веќе нема интерес ниту за историографски неисцрпната дебата околу тоа дали насилен распад се случил поради граѓанска војна или меѓудржавни агресии. Консензусот гласи: ’и едно и друго’. Во преден план веќе не е ниту прашањето на вина, барем не кај професионалните историчари...Истражувањето мора да се ослободи од своето фиксирање врз политичките елити и крвавиот крај. Тоа мора да биде проширено во социјалноисториска смисла. Историчарот од Грац Флоријан Бубер за таа цел предлага хеуристичен пресврт - да ја ставиме војната настрана и да се обидеме да ја разбереме Југославија како таква, зашто крајот на Југославија може да се објасни само ако се разбере социјалниот пресврт. Тука се отвораат многу неистражени подрачја - малку е познато за позицијата на партијата во општеството. Недостига социјална историја на армијата, која ќе ги истражува како официјалните единици, така и она што безбедносните сили го правеле во делот на социјализацијата. Југословенската поп-култура во осумдесетите години, присутна во колективното сеќавање, е малку обработувана, а историчарите исто така дури сега почнуваат навистина да се интересираат за социјалистичкото потрошувачко општество. Треба да се објасни и општественото губење доверба, кое ги разјадуваше институциите во осумдесетите години. На крајот имаше ’општество без граѓани и политика без јавност’, вели историчарот Ерик Горди...Моментот за почеток на ваква истражувачка агенда е поволен и поради тоа што по триесетгодишна блокада, многу извори на информации од осумдесетите години сега се отворени. Голем проблем, меѓутоа, е состојбата во која се наоѓаат многу истражувачки институти во екс-југословенските држави. Не само што нема пари и луѓе, туку нема и ефективна соработка меѓу научниците од различните земји. Притоа, јасно е дека историјата на Југославија може да се обработува само ’мултиперспективно’, што значи со вклучување извори од различните екс-републики...Модерен „сејугословенски“ опис на случувањата има смисла поради уште најмалку две причини. Правниот и политички судир со епохата, кој доминира со дискурсот на обработка на минатото, треба да се надополни со општественонаучна перспектива... Освен тоа, во екс-југословенските земји, кои во недостиг на друг поим често апстрактно се нарекуваат ’регион’ или нејасно ’Западен Балкан’, има потреба од самопотврдување надвор од етничките и државни граници. Ваквата потреба произлегува од заедничката историја и многуте траги кои таа ги оставила. Хрватскиот историчар Вјекослав Перица верува дека Југославија како држава е мртва, но во културна смисла живее и натаму. Важна задача би била да се објаснат и ваквите континуитети и прекини“, пишува денеска во фељтонот на тема Југославија, „Ноје цирихер цајтунг“.

На наредната страница:

Кога исламот дојде во Европа - златна епоха или турски јарем?

Весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, пак, денеска ја анализира улогата на Турција на Балканот и во текстот „Кога исламот дојде во Европа“, уште во поднасловот ја поставува дилемата - златна епоха или османлиски јарем? Михаел Мартенс во подолгиот текст ги анализира турските гледања на епохата на Османлиското царство и присуството на Балканот, ги опишува состојбите во кои се наоѓале припадниците на различни религии во регионот во времето на Османлиите и на крајот оценува:

„Она што го прави исламот на Балканот - модел за Европа, е мешавината од османлиското и хабсбуршкото влијание врз него, пред се‘ во Босна. За време на хабсбуршкото владеење во Босна и Херцеговина (1878-1918) босанските муслимани живееле во толеранција, која христијаните или евреите не ја доживеале во времето на османлиското владеење... ’Хабсбуршко царство’ денеска за муслиманите на Балканот е Европската унија. И покрај кризите што ги доживува, таа има загубено сосема малку од привлечната сила. Но, тоа би можело да се промени, претпоставува косовскиот публицист Ветон Сурои, одличен политички аналитичар на Балканот. Безуспешниот стремеж кон членство во ЕУ кај Албанците (во Албанија, Косово, Македонија, но и јужна Србија и Црна Гора) може да биде заменет со некаква ’источна идеја’, вели Сурои. Мотор на ваквата ’источна идеја’, според него, би можела да биде Турција, која и самата оставена пред вратата на ЕУ, од своја страна би можела да стреми кон основање ’неоосманлиска зона на интерирање’, со оние држави со кои некогаш се владеело од Истанбул.  

Тоа се‘ уште е нереално, зашто во Косово и Албанија фаворизирана надворешнополитичка цел е членството во ЕУ, во Македонија и Босна исто така, а и во Србија, и покрај растечката скепса. Но, ако европската цел од соништата се покаже како фатаморгана, муслиманите на Балканот еден ден би можеле да се ориентираат поинаку“, констатира „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.

Извор: Ноје Цирихер Цајтунг, Франкфуртер Алгемајне Цајтунг

Обработка: Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Борис Георгиевски