1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јункер останува на чело на Еврогрупата

Кристоф Хаселбах/Елизабета Милошевска Фидановска10 јули 2012

По неколкумесечна блокада, рингишпилот на персонални одлуки во Еврогрупата повторно се движи. Притоа, германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле остана со празни раце.

https://p.dw.com/p/15UT4
Фотографија: Reuters

Министрите за финансии на земјите од Еврогрупата ноќеска (09/10.07) го номинираа Луксембуржанецот Ив Мерш за директорската позиција на Европската централна банка. Тоа беше предуслов за сонародникот на Мерш, Жан-Клод Јункер, да остане и натаму шеф на Еврогрупата.

„Повторно сум избран за претседател на Еврогрупата. Договорот се однесува на мандат од двеипол години, но немам намера да го изработам мандатот до крај. Ќе се повлечам долго пред завршување на мандатот, односно до крајот на годинава или почетокот на наредната година и за тоа ќе ги информирам колегите“, рече Јункер.

Дел од пакетот персонални одлуки е и одлуката Германецот Клаус Реглинг да биде шеф на трајниот фонд за спас ЕСМ. Тој сега веќе раководи со фондот за спас ЕФСФ. Засега е нејасно што ќе се случува по повлекувањето на Јункер. Тој всушност сакаше да ја заврши функцијата досега, но новата француска влада го отфрли досегашниот фаворит, германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле, како можен наследник. На прашањето дали би дошол предвид во иднина, Шојбле одговори: „Да им го препуштиме тоа на шефовите.“

Сложена постапка

Францускиот министер за финансии Пјер Московиси ги фалеше заклучоците од последниот самит на ЕУ. Не е ни чудо затоа што јужните европски земји, со поддршка на францускиот претседател Франсоа Оланд, и‘ изнудија на германската канцеларка Ангела Меркел важни отстапки. Најважно е што државите во нужда и банките, во иднина ќе можат да доаѓаат полесно до помош од европскиот чадор за спас. Сега Московиси бара спроведување на заклучоците:

„Првпат има генерално решение кое се однесува на проблемите на порастот, финансиската стабилност и интеграцијата. Да почнеме со спроведување, и тоа што е можно побрзо!“

Brüssel - Treffen der Euro-Finanzminister
Од средбата на министрите за финансии на еврозоната во БриселФотографија: dapd

Се работи пред се‘ за помош за презадолжените шпански банки. Но Шојбле не брза толку како Московоси. Тој потсетува на предусловите за помош за банките:

„Прво треба да се создаде европски надзор на банките. За тоа е потребно време, тоа е сложена постапка и не е лесно да се спроведе. Претставите, кои беа присутни и во германската јавност, околу воопштување на обврските на банките, се целосно апсурдни.“

Холандија и Финска најрезервирани

Ваквите изјави на Шојбле се однесуваат пред се‘ на стравовите на германските штедачи дека во иднина тие треба да гарантираат за долговите на шпанските банки. Ваква загриженост нема само во Германија. И холандскиот министер за финансии Кеес де Јагер стави јасно до знаење дека контрола мора да постои пред неговата земја да биде подготвена да пружа натамошна помош. Холандија и Финска досега имаат најголеми задршки во врска со заклучоците од последниот самит на ЕУ и не е јасно до кога тие задршки ќе траат.

Околу помошта за шпанските банки во висина до 100 милијарди евра министрите за финансии меѓутоа во основа веќе постигнаа согласност. Првата рата од 30 милијарди евра треба да биде исплатена уште овој месец. Пакетот за помош треба да биде конечно донесен на вонредна средба, на 20 јули.