1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ј. Африка - бројот на жртвите расте, се бара интервенција на војската

21 мај 2008

Од избивањето на насилството за 10-ина денови се убиени 30-ина луѓе, стотици се повредени, а околу 13 илјади протерани. Предупредувања: насилството може да го загрози и одржувањето на Светското првенство во фудбал 2010.

https://p.dw.com/p/E3Ue
Толпата во лов на странци во предградијата на ЈоханесбургФотографија: AP

Не престанува насилството спрема странци во јужноафриканската метропола Јоханесбург - синоќа толпа насилници полеа со бензин и запали еден Мозамбиканец. Поради бруталноста на нападите хуманитарни организации и опозицијата во Јужна Африка бараат итно испраќање на војската во регионот на насилствата. Сега и владеачката партија Африкански национален конгрес (АНЦ) размислува за таков потег. Шефот на партијата Јакоб Зума вели дека криминалци ги користат безредијата за напади и грабежи, па поради тоа не исклучува ангажирање на армијата за да се запре насилството.


По странците, сега на удар и домашното население


ОН и Меѓународната лига за човекови права го осудија насилството на кое се изложени пред се’ бегалци од Зимбабве, Мозамбик и Малави, и повикаа на давање итна помош за страдалниците. Вини Мандела, политичарка на АНЦ, поранешна сопруга на Нелсон Мандела, вчера посети некои од жртвите и им се извини во име на партијата и на своите сонародници за она што се случува.

Но, насилството се шири и во други делови на Јоханесбург и веќе не е поштедено ни домашното население. Многумина од жителите, како и странците, од страв бегаат од населбите и бараат прибежиште во полициски станици, цркви или општински сали. Таму се минимално згрижени од страна на хуманитарни организации. Опозицијата бара востановување бегалски логори. Капацитетот на болниците веќе не ги задоволува потребите за прием на нови повредени.


Загрозено и Светското фудбалско првенство?


Насилничките банди систематски контролираат цели квартови куќа по куќа, гонат странци и ги палат живеалиштата. Полицијата досега уапси околу 300 лица поради грабежи, силувања и други деликти. Таа тврди дека ја има под контрола ситуацијата, но побара засилување од елитните единици.

Претседателот на Јужна Африка Табо Мбеки упати апел за итно запирање на насилството. Министерот за екологија предупреди на можните тешки штети за туризмот, а Фудбалскиот сојуз на земјата укажа на штетите за угледот на земјата и дека може да биде загрозено и Светското првенство во фудбал, што треба да се одржи во таа земја во 2010-та година.