1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Љубиша Георгиевски е нов претседател на македонскиот парламент

Горан Петрески1 август 2006

Љубиша Георгиевски ја положи заклетвата дека ќе раководи со парламентот во интерес на државата и на граѓаните на Република Македонија. Неговиот избор за претседател на парламентот го поддржаа партиите од коалицијата на ВМРО ДПНЕ. СДСМ беше воздржан, а ДУИ го бојкотираше изборот.

https://p.dw.com/p/Ac4U
Фотографија: aptn

Уште на стартот од седницата пратениците на ДУИ денеска ја напуштија парламентарната сала. По изборот новиот претседател на македонскиот парламент, Љубиша Георгиевски кажа:

“Со вас би споделил само едно разочарување и неколку надежи. Разочарувањето, кое сигурно сите го споделуваме, се состои во напуштањето на седницата од страна на парламентарната група на ДУИ, но од тоа не треба да се прави драма. Јас веќе 15 години и припаѓам на една партија која често го правела тоа. Тоа е легитимно.“

ДУИ се повлече од седницата поради оценката на оваа партија дека државните органи за избираат нетранспарентно и недемократски. Пратеникот на ДУИ, Азис Положани додава:

“...и по секоја цена избегнување на споделување на таа одгвоорност со партијата која што во другата етничка заедница го освои најголемиот дел на мандатите. Значи и претседателот на парламентот се избира нетранспарентно, што мислиме дека е штетно за државата затоа што ова е парламент, ова е дом каде граѓаните се претставувани од своите претставници – пратениците.“

Премиерот на заминување, Владо Бучковски се наврати на една контроверзна изјава на Љубиша Георгиевски од времето кога беше претседателски кандидат на ВМРО ДПМНЕ:

“Ако пред 12 години господинот Љубиша Георгиевски говореше нешто друго за Албанците, сакаше да им ги сече канџите, а денеска ветува дека ќе биде маникир или педикир, според она што го говори господинот Мендух Тачи, јас се радувам ако биде така.“

Во одбрана на новиот спикер, на Бучковски му реплицираше Мендух Тачи од ДПА:

“Можеби професорот така изјавил, но зад политичкото дејствување на професорот нема убиени Албанци, нема гробови на Албанци. Зад вашето политичко дејствување и она на вашиот претходник, господинот електроинженер Бранко Црвенковски има убиени и тероризирани Албанци.“

Денешната седница покажува дека на Македонија и се повторува парламентарната пракса – албанската опозициска партија да ги бојкотира собраниските седници. Тоа што во претходниот мандат го правеше ДПА, во наредниот период може да се очекува од ДУИ. Партијата не открива дали бојкотот се однесува само на денешната седница и кои чекори ќе ги преземе натаму. Меѓународната заедница ги повика сите политички партии во Македонија, без оглед дали се на власт или во опозиција да бидат конструктивни и да ги запазат принципите на парламентарната демократија.

Инаку, во биографијата на Љубиша Георгиевски меѓу другото е запишано - театарски и филмски режисер, драмски писател и есеист. Политички се активираше во раните 90-ти години, а во 1994 година беше претседателски кандидат на ВМРО ДПМНЕ, кога на изборите загуби од Киро Глигоров. Од 2000 до 2004 година беше амбасадор на Република Македонија во Софија. Георгиевски има 69 години и зборува повеќе странски јазици. Тој ќе биде петти собраниски претседател од осамостојувањето на Македонија до денеска. Пред него функцијата “втор човек во државата“ ја извршуваа Стојан Андов, Саво Климовски, Никола Поповски и Љупчо Јордановски.