1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Љубовта е нивна религија, а верата – традиција

Милчо Јованоски7 јануари 2014

Мешаните бракови во Македонија не се реткост. Токму празниците се доказ за меѓусебната љубов и почит. ДВ во Охрид пронајде две семејства со две интересни приказни во кои храброста, судбината и љубовта замешале прсти.

https://p.dw.com/p/1AmA3
Фотографија: Isna

Своевремено телевизиската снимка за беспомошната бремена жена среде аеродром и малото дете Игор кое ги влече куферите го обиколи светот. Сања Фармаковски се породи во Белград и на свет ги донесе близнаците Ивана и Александар. Бегството од со војна зафатеното Сараево во 1993 година ги донесе во Охрид кај роднините на нејзиниот сопруг Стефан кој подоцна им се придружи. „Трнливата животна приказна почнува од Панчево – Србија таму сум роден и мајка ми е од таму, а татко ми е од Долна Белица – кај Струга потекнувам од семејството Фармаковски тие се Власи. По раната смрт на татко ми кој беше келнер по професија со мајка ми заминавме во Сараево и таму живеевме цели 33 години до почетокот на војната. Сања по татко е православна, а по мајка католик. Во Охрид започнавме со резбарство и 15 години, најмногу живееме од тоа, “ раскажува Стефан.

Во Сараево научивме за соживотот, во Охрид за религијата

Не сме активни верници. Но во Сараево научивме да живееме со сите религии и да ги почитуваме, објаснува Сања: „ Дома кај мајка ми отсекогаш се почитувале големите празници како Божик или Велигден. Се вапцуваа јајца и за едниот и за другиот Велигден. Во однос на релгијата Сараево и пред и по војната е исто. И сега кога ќе се затекнеме таму одиме да им го честитаме Бајрам на нашите пријатели. И овде имаме многу пријатели кои не се христијани. Сведок при венчавката ми беше Муслиманка, пораснавме заедно и уште се почитуваме. Никогаш не правев разлика со кого се дружам. Ние сите таму бевме раја – тоа е изразот со кој се означуваше соживотот во Сараево некогаш.“ Во Охрид религиозноста е далеку поизразена и многу повеќе се почитува и цени традицијата. Со тоа и ние малку повеќе обрнавме внимание на тоа. За празниците правиме посвечен ручек со цел да се испочитува денот. За Свети Стефан правиме именден за Стефан по охридски визита. Сакаме и децата да осетат дека тоа се посебни денови. Да се собере друштвото и пријателите. Преку резбарството и создавањето икони морав да научам многу повеќе . Сега имам една поширока претстава за сцени од Библијата.“ Што се однесува до децата Сања и Стефан оставаат тие сами да се определат кога е во прашање религијата и верувањето во неа.

Familie aus Ohrid EINSCHRÄNKUNG
Сања и Стефан ФармаковскиФотографија: privat

Ромео и Јулија од Охрид – приказна со среќен крај

Марино и Лејла Гогови се позната двојка во Охрид. Двајцата се дипломирани економисти. Тој работи на аеродромот „Св. Апостол Павле“, а Лејла во семејната фирма и паралелно е презентер и водителка на приватната ТВМ во Охрид. Марино е Македонец , таа Турчинка. Своевремено имаа забранета љубов, тајно се венчаа и долго нивната приказна се прераскажуваше низ Охрид. Плод на љубовта им се децата – веќе тинејџери Марио и Ирма.

„Кога љубовта си го стори своето и почнавме да се среќаваме сфативме дека религија и тоа кој на која верска припадност и припаѓа за нас не е важно“, вели Марино. „Ние немавме потреба да се менуваме. Решивме - јас сум она што сум и ти си она што си. Ако јас ја сменам религијата заради тебе, тогаш тоа нема да бидам јас“, додава Лејла. Религијата ни во еден момент не ни е проблем. Тогаш некои душегрижници ни велеа: 'ќе видите еден ден кога ќе дојде на дневен ред и религијата. Искрено да кажам, вели Марино, од нејзина страна респектот кон мојата вера е далеку поголем. Таа повеќе од мене ги знае традиционалните нешта од типот на обичаи и благослови. „Со оглед на тоа што ние стоиме на фактот дека љубовта е нашата основна религија , а празниците и обичаите се дел од традицијата која сме ја наследиле од нашите родители, ги славиме и почитуваме како и сите други луѓе. Можеби нашата предност пред останатите е во тоа што ги има многу повеќе. И Божик и Велигден и Рамазан и Курбан Бајрам. Велигден со вапцани црвени јајца и Бајрам со баклава. Празниците се убав повод за дружење со луѓето кои ни се блиски и драги, кои ги почитуваме и мислиме дека не почитуваат. Тие се добредојдени во нашиот дом, за арно, за убаво. Всушност тоа е суштината на сите празници независно дали се православни или муслимански,“ велат двајцата.

Familie aus Ohrid EINSCHRÄNKUNG
Лејла и Марино ГоговиФотографија: privat