1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Љубов на втор поглед

29 август 2008

„Документа 12“ е изложба на модерна уметност во светот. Се одржува во Касел секоја петта година, и го прави повозбудлив градот, кој инаку, е повеќе ненаметлив.

https://p.dw.com/p/F75J
Во Касел може да се види многу, не само „Документа“Фотографија: Kassel Tourist

Касел, тоа е „Документа“, најзначајната изложба за модерна, ликовна уметност во светот, која се одржува секоја петта година. Кога одите низ градот на реката Фулда, ќе наидете на бројни невообичаени работи. На пример, една од нив е „Каселер лох“ од уметникот Валтер де Марија, метална шипка долга 1000 метри, набиена вертикално во земјата. Шетајќи покрај Фулда ќе видите предимензиониран копач, скулптура со височина од 12 метри на уметникот Клаес Олденбург, која била реализирана за „Документа 7“ (1982).

Die Spitzhacke des Künstlers Claes Oldenburg Kassel
„Копачот“на Клаес ОлдебунргФотографија: picture-alliance/dpa

Херкул стои опуштено

Тука модерната уметност е присутна насекаде. Улиците на Касел ги красат уметнички дела, но исто така и историски монументи кои се извишуваат над ридот. Така, на врвот на пирамидата, во пошумениот рекреативен парк пред портите на Касел, легендарниот јунак Херкул во потполн мир стои потпрен на еден боздоган. Од височина од 600 метри, тој го набљудува градот далеку позади кнежевскиот дворец Вилхелмсхое, но и хектичните случувања кога „Документа“ секоја петта година, повторно привлекува посетители од целиот свет.

Но, не е присутна само современата уметност, туку и старите мајстори. Во галеријата на старите големи уметници во дворецот Вилхелмсхое се наоѓа една од најзначајните колекции на Рембрант во светот. Исто така, можат да се видат и куриозитети. Имено, во Касел има Музеј за тапети и паравани.

Kassel: Tapetenmuseum
Музејот на тапетиФотографија: Kassel Tourist

Снежана и лошиот волк

Касел не е само лулка на старите и нови уметнички визии, туку и на соништата од сказните. Касел претставува средиште на „Германската улица на сказни“, романтична туристичка рута од Ханау кон Бремен. Браќата Вилхелм и Јакоб Грим живееле и твореле во Касел. Во периодот од 1812 до 1815 година, тие тука го собрале најголемиот дел од нивната збирка сказни, позната ширум светот. „Снежана и седумте џуџиња“, „Црвенкапа и лошиот волк“, „Г-ѓа Холе“ - се бајки кои ги знае секое дете во Германија.

Сказните на Грим се преведени на повеќе од 140 јазици. И во други култури станаа постојана компонента на светот на бајки и раскази. Секако, наследството од браќата Грим се чува во Касел. Секогаш вреди да се посети Музејот на браќата Грим во палатата „Белви“. Во современ амбиент, тука ќе најдете збирка историски книги со сказни од целиот свет.

Brüder Grimm p178
Споменикот на браќата Грим во КаселФотографија: Kassel Tourist

Уметност, бајки и колбаси

Што уште претставува Касел, освен уметност и бајки? Касел исто така е познат по колбасите. Неговите жители се гордеат со своите месни специјалитети. Сепак не станува збор за истоимениот специјалитет „каселер“, туку за колбасот наречен „ахле вуршт“. Овој колбас е специјалитет кој често се смета за хесенски одговор на унгарската салама. Може да се најде само во Касел и на ниедно друго место во Германија.