1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Њујорк го заостри законот за оружје

Е. Милошевска Фиданоска/ард16 јануари 2013

Американската сојузна држава Њујорк прва извлекува поука од последниот масакр во Њутаун и го заострува својот закон за оружје. Гувернерот Ендрју Куомо, кој го потпиша законот, изјави: „Горд сум што сум њујорчанец“.

https://p.dw.com/p/17Kfx
Фотографија: JOE KLAMAR/AFP/Getty Images

Со законот се забранува продажба на јуришно оружје. Само лицата кои веќе поседуваат такво оружје и го регистрираат во рок од 12 месеци, ќе можат и да го задржат. Освен тоа, купувачите на патрони во иднина ќе треба да минат низ проверка, а систем за брза регистрација треба да покажува доколку некој купи сомнително големо количество муниција. Освен тоа, терапевтите и другите медицинари се задолжени да пријават доколку од своите пациенти слушнат закани за употреба на оружје. Доколку тие лица поседуваат оружје, тоа може да им биде одземено. „Екстремистите можеме да ги победиме со интелигенција и разум“, изјави Куомо по стапувањето на законот во сила. „Ако сојузната влада тоа не го прави, сојузната држава Њујорк мора да направи чекор напред“, додаде пратеникот на демократите Џозеф Линтол.

Во текот на расправата во Сенатот се слушнаа и критики. Републиканецот Џејмс Тедиско рече дека владата ги злоупотребува „децата убиени од луд човек за својата политичка агенда“. Според Тедиско, оружјето е „дел од нашата слобода“. Оружјето „е во служба на јавната безбедност“, додаде тој.

New York / Gouverneur / Andrew Cuomo / Waffengesetz
Ендрју Куомо го потпишува законотФотографија: Reuters

Моќните лобисти за оружје од Националната асоцијација за оружје (НРА) оценија дека законот е бесмислен: „Вакви мекри за контрола на оружјето потфрлија во минатото и ниту ќе ја зголемат нашата безбедност ниту ќе ги намалат криминалот.“

Американскиот претседател Барак Обама денеска (16.01) треба да предложи каталог со мерки кои треба да бидат преземени ширум земјата. Се очекува, меѓу другото, барање за забрана на јуришно оружје и ограничен број патрони муниција. Според Обама, смисол има и поостра контрола на лицата кои сакаат да купат оружје. За ваквите поостри законски одредби согласност би требало да даде и Конгресот, а таму републиканците најавија голем отпор. Дури и некои пратеници демократи се против поостри зкаони. Шансата на Обама може да лежи во актуелниот момент, кој е во негова полза по масакрот во Њутаун, во кој еден 20-годишник уби 20 деца, шестмина возрасни и себеси. Ставот на Американците меѓутоа е далеку од единствен, а тоа го докажува и податокот дека тие во очекување на заострени закони засилeно купуваат оружје.