1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ќебапи и сливовица во Келн

Сташа Никодиновиќ / Александар Методијев2 октомври 2012

Во Келн постои голема заедница на луѓе кои се доселиле од поранешните југословенски републики. Туристичката тура „Балкан во Келн“ е идеална можност да се пробаат ќебапи, сливовица и да се дознае повеќе за Балканот.

https://p.dw.com/p/16If1
Фотографија: DW

„Ќе ве пренесам низ историјата, традицијата, културата и религијата на еден многу интересен регион. Подгответе се за авантура, бидејќи ова нема да биде ваша типична туристичка обиколка!“ Со овие зборови Вера Толо ја започна туристичката тура под називот „Балкан во Келн“. Идејата е жителите на Келн, во кој живеат над 170 различни нации, да ја запознаат другата страна на една култура која можеби од секогаш ги интересирала, но немале начин да дознаат нешто повеќе за неа.

На оваа идеја дојде Томас Бениг кога ја основаше организацијата „Културклингел“ или „Културно дружење“. Жителите на Келн стануваат туристи во сопствениот град и откриваат делови од градот за кои не ни знаеле дека постојат.

За почеток – гастрономија

Водичот Вера Толо групата германски туристи најпрво ја однесе во продавница за храна и пијалоци. Вера по потекло е од Босна и Херцеговина и како мало девојче со родителите се пресели во Дортмунд, каде и минала поголем дел од животот. Таа веќе една година живее и студира во Келн и смета дека тој е најлибералниот град во Германија.

„Разликата меѓу Дортмунд, на пример, и Келн може да се забележи. Двата града се големи, но во Келн атмосферата е многу поопуштена и секој може да прави што сака. Овде навистина живеат многу нации и сите се прифатени“, вели Толо.

Führung Balkan in Köln
Сопственикот на продавницата „Далмација“ Милан Вузем вели дека традиционалните муштерии бараат традиционални производиФотографија: DW

Таа се воодушевила кога дознала за „Културклингел“ и веднаш знаела дека мора да се приклучи. Драго и’ е што може дел од културата и традицијата на својата татковина да им покаже на Германците.

По влезот во продавницата „Далмација“ се слушаат многу извици на препознавање. Најчесто се работи за два збора – ќебапи и сливовица. Сопственикот Милан Вузем, кој е сопственик на продавницата веќе 30 години, се погрижи за вистинска домаќинска атмосфера. Учесниците на турата се дочекани со мезе од пршута и сирење. Додека ги дегустираат специјалитетите, сопственикот зборува за продавницата за која вели дека е најмногу посетена за време на празниците, како што се Божиќ и Велигден. Има и постојани муштерии за кои знае дека ќе дојдат кога ќе посакаат традиционални производи од својата татковина. Во продавницата може да се купи речиси сите добро познати производи од Босна и Херцеговина – од кексите Плазма и Вегета, до скапи вина од целиот регион.

Поглед на Балканот од вселената

Следната станица беше продавница за сателитски мапи, каде учесниците на турата имаа прилика да видат како изгледаат балканските земји од вселената. Клаудиус Димер прави постери, календари и книги со сателитски фотографии. Со посебна техника го зголемува квалитетот на фотографиите, така што континентите и земјите се прикажани со силни бои на посебно живописен начин.

Führung Balkan in Köln
Германците препознаваат сливовица и ќебапиФотографија: DW

Потоа следуваше посета на Исламскиот културен центар „Гази Хусревбег“, каде имамот Мустафа Хаџиќ ги објасни основите на исламот и зборуваше за животот на босанско-херцеговачките муслимани во Германија. Во Келн, покрај Берлин и Штутгард, се наоѓа најголемата заедница на босанско-херцеговачките муслимани во Германија.

Во рамки на Исламскиот културен центар се наоѓа продавницата за балкански производи и ресторанот „Ќебапи – Келн“, во кој учесниците на турата ги пречека посебна атмосфера со звуци на гитара и стихови од познати домашни хитови. Меѓутоа, музичарот не е од Балканот, но како што самиот вели „го носи во душата“.

Крајот на вечерта со звуци од домашен рок

Откако отсвире еден од хитовите на групата „Забрањено пушење“, Германецот Марко ни откри како се заинтересирал за Балканот.

„Сакав својот цивилен воен рок да го отслужам во странство и сакав сам да одам што подалеку од Германија. Дознав преку една организација дека постои можност да се оди во Тузла и така дојдов во Босна и Херцеговина. Таму минав 13 месеци“, објаснува Марко.

Führung Balkan in Köln
Германецот Марко, кој 13 месеци минал во Тузла, ја засакал БиХ преку музикатаФотографија: DW

Тој ја засакал БиХ преку музиката и луѓето. Често морал да патува со еден возач од Тузла кон Сараево и бидејќи возачот не зборувал ниту германски ниту, пак, англиски, тие почнале да се разбираат преку музиката.

„Ми пушташе различни песни и се обидуваше да ми го објасни нивното значење. Пеевме заедно и така ја засакав музиката од Балканот“, додава Марко.

Покрај него, кој има само пофални зборови за луѓето од Балканот, и Карин од Келн посебно ја интересираат луѓето од земјите во овој регион, посебно откако учествуваше во оваа тура.

„Многу ме интересира Балканот. Имам пријатели таму, а еден од моите најдобри семејни пријатели доаѓа од Србија. И самата неколку пати ја посетив Србија и Хрватска“, објаснува Карин.

По ќебапите, музиката и смеата продолжија уште долго во ноќта со чашка домашна сливовица.