1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ќерката бара помош од Обама

2 февруари 2012

Евгенија Кар, ќерката на поранешната украинска премиерка Јулија Тимошенко изјави во Вашингтон дека нејзината мајка била малтретирана во затвор и побара помош од претседателот Обама.

https://p.dw.com/p/13vJs
Јулија ТимошенкоФотографија: AP

Ќерката на Тимошенко ја повика владата на претседателот Барак Обама да изврши притисок врз Киев за нејзино ослободување. „Јулија Тимошенко е незаконски затворена, малтретирана и понижувана во минатите шест месеци“, изјави Кар пред комисијата за европски прашања во американскиот Сенат.

Таа додаде дека на нејзината мајка „не и’ било дозволувано да спие и била заплашувана со цел да биде ментално скршена“. Тимошенко неодамна „речиси и ќе починела“, откако ја загубила свеста, а нејзината цимерка во келијата се обидувала да ја освести 20 минути пред да пристигне доктор, тврди нејзината ќерка.

Тимошенко отслужува седумгодишна затворска казна, откако судот ја осуди за злоупотреба на моќта. Таа тврди дека процесот против неа е политички мотивиран и спроведен од нејзиниот ривал Виктор Јанукович, кој сега ја извршува претседателската функција.

Julia Timoshenko und Evgenia Timoschenka
Евгенија Кар (лево) со нејзината мајка Јулија ТимошенкоФотографија: picture-alliance/dpa

Закана за влошување на односите на Украина со Западот

Случајот со Тимошенко ги разбранува односите на Украина со ЕУ, а оценки за ризик за влошување на односите со Западот вчера стасаа и од американскиот сенат.

„Би било тешко, ако не и невозможно Украина да ги продлабочи односите со Западот, додека госпоѓата Тимошенко е зад решетки“, рече американската сенаторка Џени Шаен.

Ќерката на Тимошенко тврди дека претседателот Јанукович се обидува да ја присили нејзината мајка да напише писмо и јавно да побара извинување и да ги признае своите „гревови“ за да ја помилува.

Евгенија Кар ги посети Берлин, Копенхаген, Париз и Стразбур во минатиот месец, обидувајќи се да ги убеди западните влади да ги притиснат украинските власти за ослободување на нејзината мајка.

Автор: Александар Методијев /СН/афп/миа

Редактор: Симе Недевски