1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ќе беше добро Македонија да е на дневен ред во Чикаго!

Силвера Падори-Кленке5 мај 2012

Жал ми е што Чикаго нема да се занимава со членството на Македонија, изјави за ДВ пратеникот во Бундестагот, Рајнер Штинер. Тој освен за членството во НАТО, зборува и за исламистичкиот тероризам и спорот со името.

https://p.dw.com/p/14po0
Фотографија: www.rainer-stinner.de

„Навистина имаме комплексна ситуација! Во регионот е немирно. Ќе беше навистина добро доколку членството на Македонија во НАТО, кое одамна се одолговлекува, стасаше на дневен ред на самитот во Чикаго. Жал ми е што Чикаго нема да се занимава со оваа тема. Зашто, како што е кажано - тоа нема да биде самит на проширување”, изјави Рајнер Штинер, пратеник од партијата на Либералите во Бундестагот, одговарајќи на прашање на Дојче веле: немаше ли овој мај регионот да биде порелаксиран доколку Македонија добиеше сигнал дека во Чикаго нема да ја заобиколи полноправното членство во Алијансата?
Како експерт за НАТО и Балканот, Штинер будно следи што се случува во овој дел од континентот. Зашто, факт е дека во најубавиот месец од годината ќе бидат донесени политички одлуки кои Балканот и Европа ќе ги чувствуваат не само наесен, туку сигурно и многу, многу подоло. Утре (6 мај) се претседателските и парламентарените изборите во Србија, за кои ќе се гласа и на Косово, каде состојбата е напрегната. За нова влада утре се изјаснуваат и Грците. Од исходот ќе зависи и темпото во решавањето на македонско-грчкиот спор околу името. За Македонија, меѓутоа, секако најзначаен е самитот на НАТО во Чикаго до кого преостануваат само 15 дена. Во иминатите недели македонската Владата силно лобираше кај сите свои пријатели земјата која одамна има свои војници во мисиите на Алијансата, конечно да го добие заслуженото полноправно членство. Но, по вчерашните изјави во Берлин околу темите и подготовките на самитот кои ги дадоа генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен и канцеларот Ангела Меркел, се’ појасно е дека Македонија ќе мора уште да чека!

Deutschland Berlin Bundeskanzlerin Merkel und NATO Generalsekretär Rasmussen
Авганистан тема на самитот на НАТО, но не и проширувањето! Првиот човек на Алијансата Расмусен со германскиот канцелар МеркелФотографија: dapd

Серозен пристап и будност

Во контекст на петкратното априлско убиство во околината на Скопје, го прашуваме Рајнер Штинер: не станува ли Македонија добра почва за терористи чекајќи ја поканата за полноправно членство во НАТО?

„Се надевам дека не е така и дека станува збор за единечен случај. Но, секако дека мора ваквите ситуации да се третираат сериозно. Во Македонија има различно муслиманско население и добро е да се биде буден. Се надевам дека Македонија нема да биде извор и цел на вакви натамошни исламистичко-фундаменталистички напади. Но, секако и натаму состојбата треба да се следи”, истакнува Штинер. Тој има чувство дека поради одолговлекувањето на НАТО-членството, но и на пристапните преговори со ЕУ, на овие цели не се работи со полна пареа, што е делумно и разбирливо. Но, и покрај тоа, тие се во интерес на народот, поради што Штинер апелира до Владата и премиерот и натаму со сета сила да работат за достигнување на европските стандарди. Последната посета на еврокомесарот Филе на Македонија Штинер ја оценува како „натамошен импулс за дијалогот меѓу ЕУ и Македонија”. Неговото гледиште околу проширувањето е непроменето. Вели: треба да се подготви патот на Македонија во ЕУ, при што и двете страни треба нешто да направат, коментирајќи: „Многу иритира што Грција, од познатите причини, го спречува членството на Македонија”.
Тој, инаку, смета дека во моментов е многу тешко да се оцени како ќе се рефлектираат новите избори во Грција врз развојот на спорот со името.
„Двете големи партии се оптоварени со политиката што ја водеа во последнава деценија. Не се осмелувам да прогнозирам дали ќе има исчекор на опозицијата која популистички апелира дека Грција не треба да го дозволи притисокот од Европа. Од друга страна, на Грција и‘ треба солидарноста од таа иста Европа. Ова е мошне комплексна ситуација за која не можам да кажам како ќе се разреши”, изјави за ДВ Рајнер Штинер, пратеник од партијата на либералите во Бундестагот.