1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ќе биде ли во Охрид-повеќе глисери отколу риби?

22 јуни 2011

Охридското Езеро станува претесно за брзите глисери, бродови и популарните кајчиња. Државата со закон се обидува да стави ред, а еколозите предупредуваат да не се уништува биодиверзитетот во Езерото.

https://p.dw.com/p/11h8R
Да се воведе ред кај пловните објектиФотографија: Milco Jovanoski

Освен со климатските промени, Охридското Езеро, старо три милиони години, постепено се уништува со зголемениот број глисери, бродови и чамци кои не користат еколошки бензини, а непречено и неограничено цело лето ја параат езерската сина шир. Несреќата со бродот „Илинден “, чија судска завршница е пред крај, а во која животите ги загубија петнаесет бугарски туристи, отвори десетици дилеми. Пререгистрацијата на пловните објекти спроведена според законот за внатрешна пловидба покажа дека во Македонија во регистарот на Министерството за транспорт и врски се впишани 1017 пловни објекти. Капетанот на Капетанијата на пристаништата Љупчо Настоски дообјаснува како е во Охрид :

„ Преку сезоната во Охрид има од сто и осумдесет до двесте и дваесет глисери. Бројот на скутерите е помал, од 100 до 120 . Нивниот број е помал, бидејќи од 20 јули до 20 август за сите природни езера и годинава е на сила одлуката за забрана за пловење на скутерите во терминот од 11 до 18 часот секој ден“.

Ohrid 1
Загрозена и еколошката рамнотежа поради глисеритеФотографија: DW

Високи казни за привидна хармонија во Езерото

Капетанот Настоски и за летово најавува засилена контрола во која инспекторите за безбедност на вода ќе бидат ригорозни. Според него Капетанијата е добро екипирана , подготвена да одговори на сите предизвици. Тој вели дека бројот на прекршоците се намалува. Лани биле 47, од кои неколку казни биле наплатени на лице место:

„За минимален прекршок во забрана за скутер, глобата се движи околу 800 евара “ , потенцира Настоски .

Еколозите со години предупредуваат и апелираат да се стори нешто со заштитата на Езерото кога е во прашање водниот сообраќај:

„Бараме од надлежните институции бројката на пловни објекти на Охридско Езеро да се утврди и ограничи на хектар водена површина. Бројка која ќе овозможи безбедно одвивање на сообраќајот, односно толку, колку што ќе може да се дозволат пловни објекти со што нема да се загадува или загадувањето ќе биде минимално “, вели Радован Димитриоски од Здружението „Рибарска вистина “ и ги набројува останатите недостатоци во водниот сообраќај:

„Немаме јасно и исцртани и поставени пловни патишта за безбеден воден сообраќај како и пропратни објекти од типот на зимовници, сидришта. Потоа обележување на крајбрежни и на пловни сигнали и оптички, електронски и радарски системи за време на магла и невреме“.

Еко- бензините за спас на Охридското Езеро

Доаѓа времето кога законот ќе биде дециден во однос на употреба на еколошките бензини, вели, капетанот Настоски :

„Искрено речено и кај нас еден ден ќе се спроведуваат европските директиви за употреба на разградливи моторни масла, такви постојат. Тоа може да се постигне со забрана на увоз на масла кои не се разградуваат во вода.

Ohrid See in Mazedonien
Фотографија: Milco Jovanoski

Рибите сакаат мир, а не бесцелно брмчење на глисери и скутери

Експертите потенцираат дека брмчењето на глисерите влијае негативно врз рибите:

„На рибите се‘ што се случува неприродно во езерото им пречи. Таков е случајот со силните вибрации од пропелерите на глисерите. Но покрај видливите загадувања од маслата, тие создаваат и микро отпад кој е невидлив, а има погубни последици. Пловилата создаваат милијарди микро – сегменти кои се отпад со кои се хранат планктоните, со нив рибите, а преку нив доаѓаат и до човекот“, потенцира Димитриоски.

Брендираните плажи мораат да имаат спасувачи на вода, а инспекторите од капетанија во Охрид ќе го надгледуваат пристапот на пловилата до нив. Главната сезона е на прагот. Надлежните се пред предизвикот да го поправат лошиот впечаток во јавноста со воспоставување на ред во водениот сообраќај, зашто преку ноќ не е можно сите лудории на скутерџиите и сопственците на глисери ниту да се заборават, ниту исклучат.

Автор : Милчо Јованоски

Редактор: Жана Ацеска