1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ќе биде ли Гаук претседател и на мигрантите?

Дик Волфганг / Јилиде Данисма / Борис Георгиевски23 март 2012

Со свечена заклетва Јоахим Гаук денеска (23.03) и формално ќе стане нов германски претседател. Очекувањата од него се големи, но и критиките за некои од неговите претходни настапи во кои тој говореше за интеграцијата.

https://p.dw.com/p/14PCm
Јоахим ГаукФотографија: dapd

Јоахим Гаук стравува дека во иднина ќе мора да чита строго редигирани текстови, наместо, како досега, слободно да се изразува. На неколку од неговите изјави за невработеноста и мигрантите и денес се гледа многу критички. Овие изјави датираат од негови интервјуа од пред две години, откако стана јасно дека Гаук ја загуби трката за претседател.

Откако во 2010. Кристијан Вулф беше избран за претседател, малкумина претпоставуваа дека Гаук некогаш повторно ќе влезе во трката. Оттука, тој почна далеку послободно да се изразува во интервјуата. Имајќи предвид оти самиот тврди дека дел од неговите изјави биле извадени од контекст, потребно е точно да се утврди што кажал и што мислел Гаук со дел од неговите ставови.

Неговиот претходник Вулф доби многу признанија поради политиката на интеграција за која се залагаше и изјавата дека „Исламот и‘ припаѓа на Германија“. Гаук ќе изјави дека тој не би ја формулирал таа реченица на истиот начин, но најави оти ќе продолжи со политиката на неговиот претходник.

Критика за противниците на интеграцијата

Во интервјуто за „Зидојче Цајтунг“ во 2010. година Гаук ќе коментира оти десничарскиот популист Тило Сарацин покажал храброст со тоа што констатирал дека интеграцијата на странците во Германија не успеала.

Thilo Sarrazin SPD spricht im Hotel Oranien in Wiesbaden über sein Buch Deutschland schafft sich ab
Тило Сарацин: Гаук е критикуван поради одбивањето да ги осуди ставовите на СарацинФотографија: dapd

Во интервјуто за „Ноје Цирихер Цајтунг“, Гаук беше уште попрецизен.

„Она што во дел од џамиите овде се проповеда, е нешто од пред периодот на Просветителството“. Методите на исламот не се минати низ Реформацијата, ниту низ европското Просветителство. Доколку се претпостави дека муслиманскиот свет го спровел ваквиот чекор, тогаш ни се дава погрешна слика на застранетост. „Но да се негира ваквата застранетост е исто толку опасно како да се негира непријателството“, ќе заклучи Гаук.

На денот на неговиот избор за претседател, на 18 март, Гаук беше прашан како тој би се справил со мигрантите кои одбиваат да се интегрираат.

„Би ги критикувал. Сакам овие луѓе кои живеат кај нас, да ги ценат основите на нашата држава, или во спротивно веројатно не би ни доаѓале тука“. Гаук јасно стави до знаење дека мора да се прифати културата на едно отворено општество.

Скепса кај мигрантската заедница

Но, турските мигранти беа иритирани од овие изјави на Гаук. Неговите ставови беа дискутирани и критикувани на социјалните мрежи. Според Серкан Торен, портпаролот за интеграциска политика на владејачката ФДП, нема причина за загриженост, затоа што Гаук и на средбата со пратеничката група од оваа партија јасно ставил до знаење дека ќе се залага за посилна интеграциска политика.

Bundespräsidentenwahl 2012 Bundespräsident Joachim Gauck
Фотографија: picture-alliance/dpa

Во тоа сепак не е сигурен Мемет Килич, надлежен за интеграциска политика во Партијата на зелените. Тој се сомнева дека Гаук можеби на секоја партија и‘ го кажал она што таму сакале да го слушнат. Според Килич, спорно е и извинувањето на Гаук кој тврдеше дека не ги поддржувал ставовите на Сарацин.

Хакан Таш беше еден од 17-те турски претставници меѓу 1240 делегати во Сојузното собрание каде беше избран Гаук. Како член на Партијата на Левицата тој ја следеше партиската линија и гласаше против изборот на Гаук.

„Гаук повеќепати покажа што мисли. Тој нема да биде претседател на мигрантите. Дефинитивно не“, смета Таш.

Автор: Дик Волфганг/Јилиде Данисма/БГ

Редактор: