1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

060911 Petraeus CIA USA

6 септември 2011

Дејвид Петреус ја стави во орман својата униформа на генерал со четири ѕвезди на американската армија, од денеска (06.09.2011) тој е нов шеф на ЦИА. Накаде ќе ја води тој американската тајна служба?

https://p.dw.com/p/12TmG
Дали војската не му е премногу „во крвта“-Дејвид ПетреусФотографија: dapd

Дејвид Петреус недвојбено важи за блескав воен стратег. Но, дали ќе биде и добар директор на ЦИА? Според законот, американската тајна служба за странство првенствено треба да собира информации за другите влади, за приликите во стопанството, опозицијата и слично и на политичарите во Вашингтон да им ги презентира во форма на објективна анализа на состојбата. Водењето директни операции би требало да е работа на војската. Законот од 1981 година, на ЦИА дури категорично и‘ забранува директно или индиректно учество во убиствени напади во странство. Но, американскиот претседател, а и не само тој, може да одобри тајни операции, што од терористичките напади пред десет години често го правеа претседателот Буш и сегашниот, Обама. Според „Вашингтон пост“, само во операциите на беспилотни летала, ЦИА во Авганистан, Пакистан и најново на Арапскиот полуостров, убила повеќе од две илјади лица, главно челни луѓе во Ал Каеда, како и цивили. Гордон Адамс од Американскиот универзитет ја објаснува суштината на проблемот:

„Самата ЦИА сега презема акции со беспилотни летала, стрела во луѓе, испалува ракети и испраќа вооружени луѓе во други земји. Не сум сигурен во разумноста на проширувањето на оваа оперативна страна. Зашто, предуслов за добра одлука е објективна анализа“.

Важноста на овој предуслов во носењето политички одлуки Адамс ја проучувал во текот на својата работа во центарот за анализи во Белата куќа и во Националниот совет за безбедност во владата на Клинтон.

Дали ЦИА може да биде објективна?

Адамс не е единствениот кој во моментов има дилема околу запазувањето на објективноста кога ЦИА истовремено се‘ повеќе е и „засегната страна“.

Претходникот на Петреус на шефовската позиција, Леон Панета, во последните двеипол години веќе силно ја политизираше антитерористичката борба на ЦИА, истакнува Адамс. Но, тој е особено загрижен поради тоа што Петреус доаѓа токму од овој оперативен сектор. Тој има воена биографија, и покрај докторската титула нема никакви искуства со политичко-аналитичкиот дел од работата.

Дејвид Петреус повеќепати го потенцираше оставањето на униформата на закачалка, дури и во преносен смисол. На претседателот при утринските брифинзи за безбедноста за одредени теми првенствено ќе му поднесува стручни анализи, а не свое мислење како екс-генерал. Со нетрпение се очекува дали ќе биде така. Неодамна, во јули, ЦИА во својата анализа на состојбата констатираше: авганистанската војна, која Америка ја чини годишно сто милијарди долари и значителни човечки жртви, во најдобар случај се наоѓа во статус-кво. Дејвид Петреус, кој тогаш  уште беше командант на ИСАФ-трупите, отворено противречеше на овој став-тој смета дека војната може да биде добиена, а брзото повлекување на американските трупи го оценува како фатално. Кое мислење од ЦИА во врска со Авганистан ќе го добива американскиот претседател Барак Обама во иднина?

Скепса кон новиот шеф

Засега, професорот за безбедносна политика Гордон Адамс признава-круговите на тајните служби се скептични кон новиот директор, кој не потекнува од нивни редови. Тие никогаш досега немале шеф кој доаѓа од војската:

„И јас сум малку загрижен од можноста Петреус да врши такво влијание врз активностите на службата, што таа ќе се претвори во нова армија“.

Автор: Андреа Лиг/ Жана Ацеска

Редактор: Симе Недевски