1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ќе го спаси ли Кина еврото?

Жанг Дахонг/ Симе Недевски11 јануари 2013

Европа е најважниот кинески трговски партнер. Една четвртина од кинеските девизни резерви ги сочинуваат хартиите од вредност од европските држави. Тоа е доволна причина Пекинг да помогне. Или можеби и не е?

https://p.dw.com/p/17H9Y
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Тоа беше многу срамно. Кина и натаму е сиромашна земја. Иако располага со големи државни резерви, има 10 пати помали приходи по глава на жител отколку Франција.“ Со тие зборови британскиот финансиски стручњак Дејвид Марш за ДВ ја искоментира посетата на Пекинг на тогашниот француски претседател Никола Саркози во октомври 2011. година. И навистина, Саркози сметаше на огромните кинески девизни резерви, кои изнесуваат повеќе од три билиони американски долари. Освен тоа, земјата од година во година бележи голем економски пораст.

И покрај ова би било наивно да се поверува дека Кина може да одигра улога на спасител на еврозоната. Кинескиот економски стручњак Мао Женхуа вели дека неговата земја, додуша од дипломатски причини купувала обврзници од европските држави, но истовремено истакнува: „Некои земји се оптоварени со големи ризици и инвеститорите ги избегнуваат. Јасно е дека и ние сме воздржани. Ние не сме подобри и немаме повеќе среќа од другите.“ И додека Европа беше незадоволна бидејќи Кинезите не ги купуваа шпанските и италијанските државни обврзници, владата во Пекинг беше разочарана од тоа што европската монетарна унија не е во состојба да ја реши својата должничка криза.

Hamburg Summit
Дејвид МаршФотографија: DW/Z. Danhong

На еврозоната и се потребни реформи“

Мао Женхуа смета дека причина за лошиот кризен менаџмент е грешката во самата конструкција на еврото, односно фактот дека фискалната и монетарната политика се раздвоени. За секоја криза државите-членки мораат да се обратат на Европската централна банка. А таа да донесе одлука е потребно многу време и согласност од другите членки. „Затоа би било добро кога реформите би оделе во насока на создавање на сојуз на држави во кој би постоела координирана фискална политика“, смета кинескиот економист.
Но, Европа е од тоа се’ уште многу далеку. Тоа значи дека еврозоната и натаму ќе мора да живее со сите свои финансиски шокови и потреси, вели Женхуа и додава дека поради тоа страда и кинеската економија: „Еврозоната беше голем пазар за кинеските производи и важен извор за директни инвестиции во Кина. Двете нешта повеќе не функционираат добро како порано. Освен тоа, паѓаат и придонесите од европските државни обврзници.“

Кина е внимателна

Тоа не се единствените причини за желбата на Кинезите да се стабилизира еврозоната. Тие сакаат силно евро како противтежа на доларот, објаснува Женхуа: „Од кинеска страна гледано за стабилна светска економија е потребна стабилна еврозона. Тоа ја ограничува доминацијата на доларот.“

Prof. Mao Zhenhua, Gründer der chinesischen Ratingagentur Chengxin
Мао ЖенхуаФотографија: DW/Z.Danhong

И кај девизните резерви еврото е добра алтернатива за доларот. Така Кина можеше да ги диверзифицира ризиците и да ја осигура својата сопственост.
Како и повеќето негови кинески колеги, и Мао се изјаснува против излегување на Грција од еврозоната: „Тоа би бил опасен чекор. Бидејќи, кој би можел да биде следниот? Како се исклучува една членка од еврозоната? Сето тоа не е јасно.“ Затоа за него таквата еврозона со помалку членки би значела исто што и распад на монетарната унија. И покрај загриженоста за иднината на еврозоната, помошта од Пекинг не е сама по себе разбирлива. Бидејќи, додека иднината на заедничката валута биде неизвесна, поддршката од Кина ќе биде само вербална или ќе се ограничи на посредно ниво преку Меѓународниот монетарен фонд, предвидува кинескиот економски стручњак.