1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ќе запрат ли кавгите во Вашингтон?

12 август 2011

Сите очи повторно се вперени кон Вашингтон, каде претстои подготовката на долгорочни планови за намалување на дефицитот. Но има големи сомнежи во способноста за компромис на членовите на комисијата задолжена за тоа.

https://p.dw.com/p/12FUB
Фотографија: picture alliance/dpa

Задачата е огромна. До крајот на ноември т.н. Супер-комисија треба да изготви долгорочен план за штедење за буџетот на САД, со кој во текот на наредната деценија треба да бидат заштедени 1,5 билиони долари.

Но во јавноста веќе се појавија големи сомнежи. За новинарот Џон Евлон, републиканците и демократите направиле грешка уште со самиот избор на членовите на комисијата.

„Тоа е знак за тоа дека политичкиот систем во Вашингтон повеќе не функционира. Безумно е една иста работа да се прави повторно и повторно и притоа да се верува дека ќе произлезе нешто друго“, истакнува Евлон. Според него на преговарачката маса во Супер-комисијата за дефицитот не седи никој, кој кај неговите партиски колеги се залагал за натпартиски планови за штедење.

USA Kapitol
Капитол хил- седиштето на американскиот Конгрес до ноември ќе биде жариште на жестоки дебатиФотографија: picture-alliance/dpa

Сите цврсто опстојуваат на своите позиции

Слично како и Евлон многумина во САД се сомневаат во подготвеноста на компромис на членовите на комисијата, особено на двајцата лидери на преговорите номинирани од двете партии. Имено проблемот меѓу демократите и републиканците и натаму останува отворен. Сите шест републиканци во комисијата имаат потпишано своевидна заклетва против нови даноци. А и демократите опстојуваат на својот курс, да нема кратења во здравственото осигурување за постарите лица и да се зголемат државните приходи преку повисоки даноци за големите претпријатија.

Шефицата на пратеничката група на демократите во Претставничкиот дом на Конгресот, Ненси Пелоси сега има време до наредниот вторник да избере тројца пратеници од нејзината група за членови на комисијата за дефицитот. Дури тогаш ќе бидат пополнети сите 12 места на преговарачката маса на најважниот гремиум на Конгресот.

Граѓаните ја изгубиле довербата во политичарите во Вашингтон

Притисокот врз комисијата е огромен. Намалената оценка за кредитоспособноста на САД, загубите на берзите, слабата економија и конечно слабите резултати во анкетите за доверба. Според последната анкета на весникот „Вашингтон Пост“ речиси осум од десет Американци се од тоа незадоволни како се работи во Вашингтон- порака која одамна стигна до членовите на Супер-комисијата.

„Потребен ни е Вашингтон кој ќе престане со кавги“, порача во изјава за телевизијата ЕнБиСи демократот Џон Кери, а неговиот колега од комисијата, републиканецот Пет Туми за телевизијата СиЕнЕн констатираше: „Притисокот да се изнајде заеднички конструктивен план за штедење е огромен“.

NO FLASH Börsen reagieren
Падот на курсевите на берзите притисок врз политичаритеФотографија: picture alliance/dpa

И така на сите во Вашингтон им останува надежта за постигнување согласност за заеднички план за штедење со кој ќе се санира буџетот на САД- зашто доколку Супер-комисијата до крајот на ноември не постигне согласност, во сила автоматски стапуваат плановите за штедење на американската влада, кои не им се допаѓаат ни на демократите ниту на републиканците.

Автор: Јулиа Хумелзип/ Симе Недевски

Редактор: Александра Трајковска