1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ќе има ли промени во американската политика кон Балканот?

Невена Георгиевски7 ноември 2008

Експертот од Американскиот институт за мир, Даниел Сервер, смета дека ќе има промена во приоритетите на американската надворешна политика, но не и кон Балканот. Тој не очекува ниту промена на политиката кон Македонија.

https://p.dw.com/p/Fp1T
Обама ќе постави нови приоритети во надворешната политикаФотографија: AP

По изборот на Барак Обама за претседател на САД нема да дојде до драстични промени во американската политика кон Балканот, вели за Дојче Веле Даниел Сервер, експерт од Американскиот институт за мир од Вашингтон. Но, сепак овој регион ќе се најде многу подолу на листата, бидејќи ќе има промена во главните приоритети на американската надворешна политика.

Според Сервер, Обама прво ќе се зафати со глобалната финансиска криза, а потоа на листата ќе следат Авганистан, Ирак, Иран, Северна Кореја. „Затоа не очекувам големи промени во однос на Балканот“, вели Сервер и објаснува: „Не верувам дека на овој регион ќе му биде посветено толку големо внимание, какво што имаше во минатото. Има премногу други важни работи што имаат предност пред Балканот. Сметам дека САД јасно ставаат до знаење дека сакаат Европа да има водечка улога на Балканот.“

Сервер не очекува промени во политиката кон Македонија

Досегашната администрација на претседателот Џорџ Буш беше длабоко инволвирана и во решавањето на грчко-македонскиот спор со името. Дали новата администрација ќе ја продолжи досегашната политика?

US und maz. Präsident 2
Една од средбите на американскиот претседател Буш со македонскиот ЦрвенковскиФотографија: DW

„Не сум сигурен дека администрацијата на Обама ќе вложи толку голема енергија во решавањето на ова прашање како администрацијата на Буш, но сепак не верувам дека ќе има големи промени на овој план. Америка го призна уставното име на Македонија и очекувам таквата политика да продолжи“, вели Сервер. Според него, сега повеќе ќе има дебати околу пронаоѓањето на компромис во спорот и во овој контекст Македонија ќе биде ставена под поголем притисок да стави некаква додавка на името. И покрај тоа што Обама уште додека беше сенатор потпиша неколку прогрчки резолуции, Сервер не мисли дека САД ќе го променат ставот околу уставното име, освен ако Македонија не донесе одлука за промена на своето име.