1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ќе потрае ли примирјето во Украина?

Бернд Грозхајм/адр/Жана Ацеска20 февруари 2014

Претседателот Јанукович и опозицијата договорија примирје за да се избегне крвопролевање. Германскиот министер за надворешни работи Штајнмаер отпатува во Киев, а ЕУ-министрите во Брисел ќе договараат евентуални санкции

https://p.dw.com/p/1BBsy
Фотографија: Reuters

На централниот плоштад во Киев, Мајдан, утрово се собрани илјадници најрешителни владини противници, кои ја пејат националната химна, она што го прават секоја ноќ. Но, над Плоштадот на независноста се слуша звукот на шок-гранати. Опозицискиот политичар Олег Тјагнибок не разбира: „Имаме потпишан документ за примирје, а тие продолжуваат да испалуваат шок-гранати“. Од друга страна, агенциите јавуваат дека демонстрантите постојано ја провоцираат полицијата фрлајќи молотови коктели и камења врз полицајците.

Неколку часа пред оваа сцена во Киев се појави мал зрак надеж по деновите на постојана ескалација. По макотрпните разговори со опозицијата, претседателот Виктор Јанукович синоќа потпиша согласност за примирје.

„По разговорите дефинитивно можеме да соопштиме, нападот врз Мајдан, кој беше подготвуван, нема да биде извршен. Нашиот Мајдан нема да биде заземен“, изјави опозицискиот лидер Арсени Јацењук од партијата Татковина.

Лемберг прогласи независност

Јацењук истакнува - најважното во моментов е заштитата на човечките животи. А другиот опозициски лидер, Витали Кличко, најави разговорите со Јанукович денеска да продолжат.

Нејасна е меѓутоа реакцијата на радикалните сили во опозициското движење. Водачот на „Десниот сектор“ Дмитро Јарош објави продолжување на бунтот, бидејќи тој не потпишал никакво примирје.

Минатите денови во уличните борби загинаа најмалку 26 луѓе, над илјада беа ранети. На Мајдан кампуваат сѐ уште илјадници антивладини демонстранти, опколени од полицијата и специјалните единици за интервенција. Таму се‘уште горат барикади.

Во некои градови во западна Украина демонстрантите повторно ги зазедоа општинските згради. Градот Лемберг прогласи независност.

Германската канцеларка Ангела Меркел вчера телефонски разговарала со рускиот претседател Владимир Путин. Нивниот договор е- да се преземе се‘ за да се спречи натамошна ескалација на ситуацијата, при што Путин одговорноста за ескалацијата ја лоцира кај антивладиниот табор.

Ukraine Maidan Platz Zusammenstöße Bürgerkrieg Aufstand Antiregierungsproteste EU Kiew
Фотографија: Reuters

На потег повторно дипломатијата?

Германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмаер отпатува во Киев за да се обиде да повлијае врз украинското раководство. Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров од Штајнмаер побара да ги искористи неговите контакти со опозицијата заради наоѓање решение.

За денеска е предвидено покрај Штајнмаер, шефовите на дипломатиите на Франција и на Полска, Лоран Фабиус и Радослав Шикорски да имаат средба so претставници на украинската власт и опозициските лидери во Киев. А, потоа ќе поднесат извештај до министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ кои денеска попладне во Брисел се среќаваат на советувања околу консеквенции за Украина.

Во игра се‘ уште е воведување санкции кон одделни украински функционери и политичари, иако не е постигната согласност.

САД веќе воведоа забрана за влез во земјата за 20 членови на украинското раководство. Претседателот Барак Обама изјави дека од украинското раководство очекува да се воздржи од употреба на сила во односот кон демонстрантите, но и демонстрантите треба мирно да протестираат.