1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ќе се затвора фабриката на Опел во Бохум?

ЕМФ/ртр23 март 2012

Вработените во фабриката на Опел во Бохум стравуваат за работните места. Агенцијата Ројтерс јавува дека затворањето на две фабрики на Опел во Европа е опција за која ќе се разговара веќе наредната недела.

https://p.dw.com/p/14Pjl
Фотографија: AP

Повикувајќи се на инсајдерски информации, агенцијата Ројтерс денеска (23.03) јавува дека од затворање се загрозени фабриката на Опел во Бохум и британската Елесмер Порт. Со тоа менаџерскиот тим сака да реагира на тешките загуби на автопроизводителот во Јужна Европа.

Советот на вработени во Опел оценува дека се тоа само закани на менаџерите. „Тоа се провидни шпекулации“, изјави шефот на Советот на вработени во Опел, Волфганг Шефер-Клуг. Иднината на фабриката во Бохум, каде се вработени 5.200 луѓе, би требало да ја „потпали“ кампањата за покраинските избори во Северна Рајна Вестфалија, на 13 мај. „Џенерал Моторс постојано повторува дека поради преголемото производство од 500.000 возила годишно, има две фабрики кои се вишок. Новиот шеф на производство ги посети фабриките и ги турка една против друга“, изјави член на Надзорниот одбор од редовите на вработените кој сака да остане анонимен. „Познати ни се главните точки од новиот деловен план што ќе биде презентиран во среда. Тој предвидува затворање фабрики.“

Вработените во Бохум со години стравуваат за своите работни места. Фабриката, според наводи на Опел, е најголем работодавач во регионот. Таму се произведуваат моделите Астра и Зафира. Концернот мајка, Џенерал Моторс, во 2011 година забележа загуби од 750 милиони долари во Европа.