1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

220609 EU Klonfleisch

23 јуни 2009

Министрите за земјоделство на ЕУ донесоа одлука со која се отвора европскиот пазар за производи од клонирани животни. Тие, сепак, бараат построга контрола на месото и млекото од животни како славната овца Доли.

https://p.dw.com/p/IXHn
Кој е кој? Четири клонирани кучиња од Јужна КорејаФотографија: AP

Европските министри за аграрни прашања поаѓаат од девизата: подобро да има добро регулиран пристап на пазарот за производите од клонирани животни, отколку да нема никаква законска регулатива. Затоа и германската министерка Илзе Аигнер аргументира: „Месото од клонирани животни е забрането, но досега нема никакви одредби за потомството на клонираните животни и затоа сакавме да постигнеме заострување на регулативата на европско ниво.“

Проблемот доаѓа од преку Атлантикот

Проблемот е во тоа што во САД производите од клонирани животни се веќе целосно прифатени. Тамошната служба за контрола на квалитетот на прехранбените производи дојде до заклучок дека тие не се разликуваат по ништо од обичните производи и затоа дури не донесе ни обврска за бележење на производите од клонирани животни. Тоа наиде на остра критика кај дел на американската јавност, која бара производите да носат барем посебна ознака. За спорните продукти да не дојдат и на европскиот пазар без посебни услови, министрите ја обврзаа Европската комисија да изработи посебна регулатива за пласман на ваквите производи во земјите на Унијата. Конечната одлука ја имаат пратениците во Европскиот парламент, кои веќе се спротивставија на намерата месото и млекото од клонирани животни да се воведе во одредбите за нови видови производи. „Не сакаме прехранбените производи од клонирани животни да се водат како нови производи, туку сакаме да бидат посебна категорија, што ќе подлежи на уште построг режим“, вели пратеникот Петер Лизе.

Schaufensterpuppen Symbolbild Klonen
Да не му се отвори патот на клонирањето луѓе!Фотографија: dpa

Етички аргументи

Тој и колегите од Европскиот парламент имаат и морални аргументи: преку техниката на клонирање животните се претвораат во предмети, а потенцијално се отвора патот и за клонирање на луѓе. „Сакаме во Европа да не биде дозволено клонирање животни, а истото важи и за производите од клонирани животни и нивното потомство“, нагласува Петер Лизе.

Европската служба надлежна за контрола на прехренбените производи ЕФСА оцени минатата година дека конзумирањето вакви производи не е опасно по здравјето на човекот. Таа само има задршки што се однесува до здравјето и состојбата на клонираните животни. И организациите за заштита на животните сметаат дека клонираните ќе имаат послаб имунолошки систем и ќе бидат помалку отпорни на разни болести.

Автор: Волфганг Ландмесер / Горан Чутаноски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска