1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Џафери се сретна со Аврамопулос

ЖА/миа27 јануари 2014

Министерот за одбрана на Македонија Талат Џафери, денеска во Атина се сретна со неговиот грчки колега Димитрис Аврамопулос, со кого, меѓу другото, потпишаа и Протокол за соработка меѓу двете министерства за 2014 година

https://p.dw.com/p/1AxrW
Фотографија: DW

„Оваа средба е од посебно значење за односите меѓу нашите две министерства. Оваа средба денеска покажува дека нашите институции имаат капацитет да ги надминеме сите проблеми што се на патот на комуникација“, рече Џафери по средбата.

Тој нагласи дека потпишувањето на Протоколот за соработка за 2014 година, како програма за соработка за оваа година, е уште еден показател дека министерствата и соодветните армии можат да изнајдат сила за да ги надминат сите проблеми во односите кои што ги имаат државите.

„Јас сум убеден дека основата за разговори за изнаоѓање решение за проблемот кој што стои меѓу нас околу името на државата е тема која што во иднина би требало да се интензивира меѓу соодветните институции, и во тој контекст можам да констатирам дека во разговорите што ги имавме меѓу двете делегации, уште еднаш заклучивме дека тој проблем не е пречка ние да ги продлабочиме и да ги прошириме сите елементи на соработка меѓу двете министерства“, нагласи македонскиот министер за одбрана.

Тој увери дека сите овие пораки ќе стигнат, пред сѐ, до граѓаните и институциите, и „во тој контекст јасно и недвосмислено и граѓаните на двете држави и институциите соодветно ќе ги разберат без никаква резерва по однос на коментарите што ги имаме во врска со ова прашање“.

Џафери уште еднаш изрази поддршка за напорите на претставникот на ОН во комуникацијата што ја има со соодветните претставници на двете влади.

„Се надеваме на скоро изнаоѓање соодветно решение кое што, конкретно, нам ќе ни отвори пат кон полноправно членство во евроатлантските институции и рамо до рамо, како полноправна членка со сите земји, да можеме и понатаму да ги продлабочиме и зајакнеме нашите односи“, рече министерот за одбрана на Република Македонија, Талат Џафери.