1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Џек Лју - нов американски министер за финансии

ЖА/дв/дпа/ртре/афп28 февруари 2013

Џек Лју важи за лукав финансиски менаџер и апсолутен политички професионалец, карактеристики кои ќе му бидат потребни како нов чувар на американската благајна. Лју ја презема функцијата во тешка фаза за економијата.

https://p.dw.com/p/17nV6
Фотографија: picture-alliance/dpa

Американскиот Сенат го одобри именувањето на Џек Лју за секретар за финансии и покрај неговата поврзаност со Вол стрит за време на финансиската криза. Именувањето на Лју (57) беше потврдено од 71 сенатор, додека 26 се изјаснија против. Лју досега беше шеф на канцеларијата на Белата куќа. Тој доаѓа на местотo на Тимоти Гајтнер, кој се повлече од функцијата кон крајот на јануари по четиригодишниот мандат, обележан од најтешката економска криза од 30-тите години од минатиот век. Лју денеска стапува на должност.

Обама му се заблагодари на Сенатот за брзото реагирање. „Во овие за економијата и земјата критични времиња нема никого кој е посоодветен за функцијата министер за финансии од Џек Лју“, изјави Обама во првата реакција по гласањето за Лју. Тој од него очекува помош во напорите за создавање нови работни места.

Лју ја презема функцијата во тешка фаза. Денеска на сила стапуваат масивни автоматски кратења на буџетските трошоци, кои според експертите, можат да имаат негативно дејство врз американската економија. Ако Демократите и Републиканците не постигнат брзо компромис во последната рунда од 18-месечната фискална драма во САД, кратењата во вредност од 85 милијарди долари за фискалната година 2013, подеднакво ќе ги погодат како издатоците за одбраната така и за социјалната сфера. Мерките за штедење во вредност од уште 1,2 билиони долари ќе стапат во сила во наредната деценија.

Лју има инаку долго искуство во Вашингтон. Уште во 1973 ја почнал кариерата како асистент на еден конгресмен, а од 1998 до 2001 беше директор за буџет на тогашниот претседател Бил Клинтон. Во 2010 година ја презеде оваа функција кај претседателот Обама, кој во 2012 година го назначи за шеф на штабот во Белата куќа.