1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Џемс Бонд не е веќе џентлемен!?

14 јуни 2009

Дали некогаш сте се запрашале зошто британскиот агент Џемс Бонд во секој филм го прошетува половина свет и зошто никогаш не умира? За вакви прашања расправаа научниците на една конференција.

https://p.dw.com/p/I8K0
Фотографија: AP

Зошто британскиот агент Џемс Бонд никогаш не умира? Или до какви промени дојде кај агентот 007 по 11 септември? Со вакви и слични прашања се зафатија деновиве меѓународни културни и литературни научници на една конференција во Саарбрикен во Германија.

Темелен пристап

Секој новинар се радува да биде на конференција за Џемс Бонд. Веднаш се помислува на брзи автомобили, убави жени и вкусни пијалоци, мартини на пример. Научниците од пред неколку години се интересираат за феноменот Џемс Бонд. Јоахим Френк, професор за британска книжевност и култура на Универзитетот во Саарланд, висок и русокос, би можел да биде убав агент. Ги гледал сите филмови со Џемс Бонд, се разбира, во научни цели:

„Највозбудливата тема е всушност, како Џемс Бонд, кој во меѓувреме има зад себе 56-годишна историја, успеа да стане долговечна и успешна култна фигура на глобалното општество. “

Timothy Dalton als James Bond
Тимоти Далтон во улога на агентот 007Фотографија: picture-alliance/dpa

90 научници дискутираа три дена. Зошто Џемс Бонд никогаш не смее да умре, зошто постојано патува, зошто веќе не е џентлемен? Тоа се само дел од темите и предавањата. Канаѓанецот Антони Метивиер се запраша дали Џемс Бонд е сериски убиец:

„Не, Бонд не е сериски убиец. Но, многумина мислат така.“

Јерг Штернагел од Потсдам беше преокупиран со тоа какви шкотски елементи можат да се откријат кај актерот Шон Конери.

„Паѓа в очи дека Конери во раните филмови често изговараше: Ова го правам за кралот и земјата, или ова го правам за Англија. Тогаш се прашувавме што значи тоа, тој е Шкот, а работи за Англија?“

Малку е глупаво што новиот Џемс Бонд, актерот Даниел Крег, веќе воопшто не одговара во старите улоги:

„Тоа е всушност несреќен случај. Јас повеќе ги сакам старите филмови, поранешниот Џемс Бонд,“ сериозно заклучи еден научник.

BdT Bond Kongress in Saarbrücken
Шон Конери како Џемс БондФотографија: AP

Кој е најдобриот Џемс Бонд?

На конференција се разговараше и за различните конструкции на машкоста на Џемс Бонд, неговиот лик и карактер по 11 септември, дали покажува емоции, туристот Џемс Бонд, како и многубројните девојки на агентот 007. Научните работници во Саарбрикен можеа да ги претстават своите истражувања. Но, едно прашање придонесе за жолчни дискусии, а тука научниците се еднакви со обичните обожаватели: Кој е најдобриот Џемс Бонд на сите времиња?

Мислењата на обичните смртници се различни:
„Мој најомилен Џемс Бонд е Пирс Броснан од 1990-те години.“

„Мислам дека Тимоти Даллтон е добар.“

„Тоа е Шон Конери. Но, и Роџер Мур добро глумеше.“

За ова ниту научниците не беа единствени.

Што мислите вие, кој е најдобриот Џемс Бонд на сите времиња?


Автор: Саша Барон/ Жана Ацеска