1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Џенет Јелен номинирана за шеф на ФЕД

ЖА/дв/дпа/ртре10 октомври 2013

Американскиот претседател Барак Обама ја предложи официјално Џенет Јелен за прв човек на Централната банка. Досегашната вицешефица на ФЕД најави продолжување на досегашната монетарна политика.

https://p.dw.com/p/19xEa
Фотографија: Reuters

Претседателот на САД Барак Обама синоќа (09.10.2013) ја предложи Џенет Јелен за нов раководител на Управата на федералните резерви, ФЕД.

Обама нагласи дека таа е докажан лидер, кој знае како да изгради консензус за постигнување на целите на Федералните резерви за контролирање на инфлацијата и зголемување на вработеноста.

Истовремено, шефот на државата високо ја оцени работата на актулениот претседателот на ФЕД, Бен Бернанке, чиј мандат истекува кон крајот на јануари. Обама го нарече Бернанке „глас на мудроста“ во период на пазарна нестабилност, и човек кој помогна во заздравување на американската економија од нејзината најтешка рецесија по Големата депресија.

Обама го повика Сенатот да ја потврди Јелен што е можно побрзо. Ако номинацијата биде одобрена, Јелен ќе биде првата жена која ќе ја предводи ФЕД, која ја има улогата на централна банка на САД.

Јелен (67) во моментов е заменик претседател на Управата на федералните резерви, институција со стогодишна историја. Јелен најави, барем засега, продолжување на политиката на евтини кредити.

Финансиските пазари позитивно реагираа на најавата дека политиката на евтини пари во САД ќе продолжи. „Не би можел да си замислам никого друг кој е толку добро подготвен како Јелен да биде на чело на ФЕД во овие предизвикувачки времиња“, истакна шефот на Одделот за пазар на капитал во ММФ, Хозе Виналс.