1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Џорџ Буш повторно одби предвремено повлекување на трупите од Ирак

Даниел Шешкевиц26 октомври 2006

Претседателот на САД најави дека заедно со ирачката влада ќе изработи цели за натамошниот развој. Буш уверен во победа на Републиканската партија на претстојните избори за Конгресот

https://p.dw.com/p/AdwD
Претседателот на САД Џорџ Буш
Претседателот на САД Џорџ БушФотографија: AP

На прес-конференција во Белата куќа, американскиот претседател ситуацијата во Ирак ја опиша како тешка: “Во последните месеци, пред се’ во Багдад, значително нарасна спиралата на насилство во која борци на Ал Каеда напаѓаат шиитски цивили, а шиитски командоси на смртта вршат одмазда со напади против Сунитите” – рече Џорџ Буш.

Претседателот не е задоволен со актуелната состојба и не сака американските трупи да се растргнуваат во ирачка граѓанска војна. Тој рече дека ќе ги прифати сите предлози од Комисијата за Ирак предводена од некогашниот американски министер за надворешни работи Џејмс Бејкер, “кои би можеле да водат кон победа”. Но, предвремено повлекување на трупите не доаѓа предвид: “Концептот за некаков утврден временски план за повлекување на трупите, од мој агол на гледање, значи пораз. Не можеш да се повлечеш пред да го извршиш налогот. Наша цел е да го извршиме колку што е можно побргу”.

А целта за Ирак Буш вака ја дефинира: земјата мора да може да се управува, снабдува и брани самиот себеси. За да се постигне таа цел, вели тој, тактиката мора постојано да се прилагодува на околностите: “Нашите цели не се менуваат. Но, ние сме флексибилни кај методите за нивно остварување”.

Буш му искажа доверба на ирачкиот премиер Малики, кој вчера на прес-конференција во Багдад се изјасни против временски план за постигнување на американските цели: “Важно е американското население да разбере дека ние не можеме едноставно да им кажеме на Ирачаните: тоа се нашите цели, па видете како ќе се снајдете. Многу поефикасно е да се има нивна согласност, конечно станува збор за една суверена ирачка влада”.

Буш рече дека ќе биде вршен притисок врз Ирак, но нема да бидат поставувани ултиматуми. Успехот не може да се постигне само со воени средства, туку мора да биде изработен и политички и тоа од самите Ирачани.

Американскиот претседател призна дека сегашната ситуација во Ираки’ дава белег на предизборната кампања за изборите за Конгресот, но искажа увереност дека неговата партија ќе победи на 7-ми ноември: “Верувам дека и натаму ќе соработувам со Конгрес и Сенат контролирани од Републиканците”.

Во анкетите, сепак, Демократската партија има предност кога станува збор за Претставничкиот дом, додека кај Сенатот се навестува неизвесна трка. Во моментов согласноста со политиката на претседателот изнесува одвај нешто преку 30 проценти.