10 исчезнати американски морнари во несреќа кај Сингапур
21 август 2017Американски воен брод се судри денеска со танкер кој превезувал нафта кај Сингапур, при што изчезнаа 10 американски морнари, а 5 се повредени. Американската воена морнарица соопшти дека разурнувачот „Џон С. Мекејн“ рано утрината се судрил со 183 метри долгиот танкер „Алник МЦ“ кој превезува нафта и хемикалии.
Четворица морнари со хеликоптер на сингапурската морнарица се префрлени во болница, но се надвор од животна опасност, а на еден морнар не му била потребна понатамошна медицинска помош.
Сингапурските власти соопштија дека не е повреден никој од посадата на танкерот, кој плови под либериско знаме.
Американскиот воен брод одел во Сингапур во рутинска посета на пристаништето, по минатонеделната пловидба во близината на кинескиот вештачки остров во спорните води на Јужното Кинеско Море, во операција која демонстрира слобода на пловење.
Разурнувачот е оштетен на левата задна страна, но продолжил да плови кон пристаништето. На танкерот му е оштетен предниот дел на седум метри над нивото на водата.
Сингапур испрати помош во потрага за исчезнатите морнари, а во спасувањето помагаат и два малезиски брода и авион.
Засега не е познато зошто се случил сударот меѓу уништувачот и танкерот.
Седум морнари загинаа во јуни кога американскиот разурнувач „Фицџералд“ се судри со филипински трговски брод во близина на Јапонија.
Морнарицата минатата недела соопшти оти лошото управување и грешка во држењето стража придонеле за сударот.