1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

11 септември беше шок не само за САД, туку и за целиот свет

11 септември 2007

Апсолутната солидарност изразена на почетокот прерасна во контроверзи од нападот на САД врз Ирак. Миодраг Сориќ во својот коментар прави биланс на шесте години по 11 септември

https://p.dw.com/p/Bejp
Фотографија: AP

По терористичките напади од 11 септември 2001 година американскиот претседател Џорџ Буш беше уверен дека некои исламски држави на брзина може да ги претвори во политички системи од западен тип, ако е неопходно и со употреба на сила. Шест години подоцна таквата идеја мора да биде отфрлена како пропадната. Во Ирак секојдневно гинат невини од експлозии на бомби. Нема ден во Авганистан без крвави борби со талибанците. САД и натаму бараат соодветен одговор на 11 септември.

Што е со организаторот на терористичките напади, Осама Бин Ладен? Дури и кога сега тој би бил фатен, тоа не би значело и крај на Ал Каеда. Неговата организација одамна веќе е присутна во десетина држави: од Босна, преку Јемен и Пакистан, до Индонезија. Ал Каеда се прилагодува на локалните услови, има огромни финансиски и човечки ресурси. Оваа терористичка мрежа нема своја централа, така што е тешко да се нападне.

Фундаменталистите и радикалите јакнат онаму каде луѓето се сиромашни и немаат перспектива, таму каде нема доволно образование. Американските сили не се борат ниту против сиромаштијата ниту против слабиот образовен систем кај исламските нации. Тие дури не можат да ја гарантираат и безбедноста. Тоа само го засилува антиамериканизмот кој се развива во Ирак, Авганистан и другите муслимански земји.

Со нападот на Америка Бин Ладенпрогласи нова ера. На политичарите во светот им стана јасно дека мнозинството муслимански држави не успеваат да обезбедат работа и леб за се поголем број млади мажи. Економиите на многу традиционални муслимански земји не се конкурентни, а администрацијата им е корумпирана. Дури и кај оние малкубројните, кои пливаат во пари од извозот на нафта се повеќе жители стануваат незадоволни од политичките и општествени односи .

Во светот на глобализација расте бројот на оние кои трагаат по едноставни одговори на се покомпликуваните глобални прашања. Популистите и демагозите, посебно верските лидери од тој тип, имаат се повеќе следбеници. Расветлување на ситуацијата е неопходно, но за тоа се потребни многу напори и време. Многу политичари, а Буш е еден од нив, се надеваа дека со употртеба на сила ќе дојдат до успех. Реалноста покажува дека демократијата не може да се преуреди ниту да се вакцинира.