1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

20 години приватна телевизија во Германија

9 јануари 2004
https://p.dw.com/p/AeW3
Германските приватни медиуми неделава со гала прослави, специјални емисии и историски прегледи го одбележаа 20-годишниот јубилеј од почетокот на приватната телевизија. Нејзината појава битно го измени медиумскиот пејсаж на земјата, како на информативен, така и на културен план. По двете децении борба за поголема гледаност, денес вкупно 25-те приватни ТВ станици не треба да се срамат ни од квалитеот на програмите. Германија по две децении од првите чекори може да се пофали со најголем број телевизиски програми со слободен пристап - во цела Европа.

Првиот кој го наруши дремежливиот мир во германскиот медиумски пејсаж беше Лео Кирх, кој на први јануари 1984. година во 10 часот претпладне влезе во етерот со еден нов проект. Првото име на новиот медиум беше Актуелна новинска телевизија, која ја емитуваше Програмското друштво за кабелска и сателитска радио- телевизија. Денес на широката јавност тоа и' е познато на јавноста како приватната ТВ станица САТ 1.

Оваа иновација на полето на медиумите беше технички овозможена со појавувањето на кабелската телевизија, а подоцна проширена и на полето на сателитите. Од таму и името САТ 1. Но, тоа е техничката страна на медалот. Политичката беше поврзана со надежите на опозиционите Христијански демократи и Либерали, кои во осумдесетите ја презедоа власта:

"Тогаш имавме во земјата многу левичарски настроена сцена, особено кај јавните медиуми. Некако ни поаѓаше од рака да имаме избалансирано информирање кај Втората програма на германската ТВ, ЦДФ, но кај голем број програми на Првата програма, АРД, апсолутно доминираше левата струја. Откако заклучивме дека постои таква ориентација, ние во Христијанско демократската Унија решивме на тоа да му спротиставиме друг систем, имено конкуренција" - се сеќава угледниот политичар на ЦДУ, Кристијан Шварц Шилинг.

Она за што овој угледен христијански демократ не мораше да се грижи, исто како ни неговите колеги политичари од социјал-демократската партија, тоа е дека проектот на Лео Кирх ќе оствари монопол. Само еден ден подоцна на големиот медиумски пазар во Германија се појави проектот на Радио Луксембург, РТЛ-плус.

Уште на самиот почеток главниот уредник за радио и ТВ програмата Хелмут Тома постави високи, амбициозни цели:

"Сакаме да станеме први. Тоа го реков и на еден собир на соработниците пред половина година и тие само што не праснаа во смеа. Но, јас реков: ние не почнуваме со емитување за да станеме четврти. Ако завршиме на четвртото место по гледаност, тогаш тоа ќе биде едноставно факт и готово. Но, нашата цел е да биде најдобри."

Ваквата најава не се покажа претерано амбициозна. РТЛ- плус ден денес е најуспешна од вкупно 25 приватни ТВ станица во Германија.