1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

20-то коло на Бундеслигата

Горан Чутаноски18 февруари 2008

На чело на Бундеслигата и по 20-то коло останува Бајерн Минхен со уверливите 3 спрема 0 на гости во Хановер.

https://p.dw.com/p/D98n
Хановер против Баерн МинхенФотографија: AP
Сите три гола за германскиот рекорден првак ги постигна италијанскиот професионалец Лука Тони. За хетрикот пофалби дојдоа директно од тренерот Отмар Хицфелд.„Нему му се потребни малку шанси. Тој има изразен инстинкт на уништувач и многу е ладнокрвен пред голот. Поседува и одлична техника во завршницата. Но, за квалитетите на некој кој се профилирал како топ-голгетер во Италија не треба многу да се зборува.„
Зад петиците на Бајерн со само три бода разлика од ова коло е тимот на Вердер. Тимот на тренерот Томас Шааф го победи Нирнберг со 2 спрема 0: „Денеска сигурно не одигравме бриљантно, како што тоа инаку знаевме овде да го сториме. Но, важно е што ги заработивме трите бода и тоа што успеавме да ја искористиме решавачката шанса во наша полза„ – нагласи Томас Шааф.
За второто место на табелата на Вердер му помогна и нерешениот резултат во средбата меѓу Бајер Леверкузен и Карлсруе. Тие одиграа 2 спрема 2, што тренерот на Бајер, Михаел Скибе го прокоментира на следниот начин: „Јас сум сепак задоволен од она што го покажа мојата екипа. Имавме неколку добри напади што ги пренесовме длабоко на половината на противниците, но каде не ни успеа последното додавање, завршницата.“
Бајер Леверкузен и Шалке 04 се на четвртото и петтото место со два бода заостанување зад третопласираниот Хамбург. Тој на викендот го порази Бохум со уверливи 3 спрема 0. Тренерот Хуб Стивенс порача: „Победата е во ред, можеби еден гол повеќе, но тоа е се‘ едно сега.„
Штутгарт и Херта Берлин успеаја да ги совладеат своите противници дури во последните минути од натпреварот. Штутгарт на гости го порази Дуизбург со 3 спрема 2, а Херта одигра на домашен терен 1 спрема 0 со тимот на Билефелд.
Борусија затоа заслужено го совлада Енерги Котбус со 2 спрема 0 на гости. Со тоа Борусија барем привремено се извлече од групата што се бори за опстанок во Бундеслигата. Во неа се наоѓаат Бохум на 13-то место, кого од зоната за испаѓање по поразот на викендот од Хамбург го делат 7 бода. На екипата на тренерот Марсел Колер и‘ недостасуваше соодветна завршница во нападот: „Изгледаше опасно се‘ до линијата на шеснаесетникот, но решавачките сцени, последиците што требаше да произлезат од тоа – тоа ни недостасуваше. Така е тешко да се постигнат голови„ – порача тренерот на Бохум. Од екипите во долниот дел на табелата во 20-то коло на Бундеслигата победа постигна само тимот на Ханза Росток. Тој го победи Франкфурт со 1 спрема 0 на домашен терен и сега има пет бода разлика во однос на Нирнберг и Котбус, кои пак од претпоследниот на табелата Билефелд ги раздвојуваат два бода. Фенерџија останува Дуизбург.