1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

2005-та година носи богата спортска програма

10 јануари 2005

2005-та година ОН ја прогласија за година на спортот. Во неа, иако не е олимписка, претстојат повеќе големи меѓународни натпреварувања.

https://p.dw.com/p/Aelf
Фотографија: AP

Веќе во првиов месец од годинава во Тунис ќе се одржи светското првенство во ракомет за мажи. Германската репрезентација пред две години беше поразена во финалето од Хрватска, што се повтори и на олимпијадата во Атина. Разбирливо, во тимот на сојузниот тренер Хајнер Бранд сега е дотолку поголема желбата за реванш.

Алпските скијачи на крајот од месецов во Бормио – Италија ги започнуваат двонеделните натпревари на светското првенство.

Претставниците во нордиските скијачки дисциплини ќе се натпреваруваат во Оберстдорф од 16-ти до 27-ми февруари. Германија нема да биде само домаќин на светското првенство, туку се надева и на добар настап на нејзините претставници и на повеќе медали.

Биатлонците ќе решат кој е најдобар на светот на првенството што ќе се одржи во март во австрискиот зимски центар Хохфилцен. Австрија годинава во мај ќе биде домаќин и на светското првенство во хокеј на мраз.

Љубителите на фудбалот во Германија ќе можат во јуни на дело да ги видат најдобрите репрезентации од сите континенти – учесници на Купот на конфедерацијата. Селекцијата на Јирген Клинсман ќе игра во група со Австралија, Аргентина и Тунис и за неа ова натпреварување е извонредна можност за тест на силите спроти светското првенство во 2006-та, исто така на стадионите овде во Германија. Во другата група се тимовите на светскиот првак Бразил, европскиот шампион Грција, Јапонија како претставник на Азија, и Мексико од Северна Америка.

Михаел Шумахер се стреми кон освојување на осмата титула светски првак во автомобилизам формула еден. Програмата предвидува 19 трки - за првпат и во Истанбул, и повторно два пати во Германија: на крајот на мај на патеката во Нирбургринг и на крајот на јули во Хокенхајм.

Хелсинки, главниот град на Финска, во август ќе биде домаќин на светското првенство во атлетика. По разочарувачкиот настап на олимпијадата, очекувањата од германските атлетичари не се многу големи. Повеќе надежи се врзуваат за велосипедистите. Јан Улрих и Андреас Кледен ќе се обидат да го симнат од тронот шесткратниот победник на Тур д‘Франс, Американецот Ленс Армстронг. Тој, додуша, се‘ уште не се реши дали воопшто ќе стартува на трката.

Во јули во Дуизбург ќе се соберат 3500 спортисти – учесници на Светските игри. На таа манифестација се застапени околу 40 спортови, и иако тие не се од олимписката програма, посета најави и претседателот на Меѓународниот олимписки комитет Жак Рог.