1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

2011 – тешка година за македонската економија

28 декември 2011

Македонските граѓани се научени да живеат во тешки времиња но по две децении транзиција со право очекуваат ефекти од реформите. 2011 беше тешка година. Можеше ли државата да стори повеќе?

https://p.dw.com/p/13aSs
Фотографија: Petr Stojanovski

Додека Европа стравува од нов бран на финансиската криза, Македонија преживува уште една тешка година на економски план. Оценките се во основа исти, се разликуваат во нијанси во зависност од длабочината на џебот и позицијата на тој што ги изрекува.

Оценките на власта и опозицијата различни

Според опозиционерите 2011 е уште една во низата неуспешни економски години, според власта година на опоравување кога Македонија најмалку од останатите ги чуствува последиците од економската криза. Веројатно најточен е ставот на граѓаните.

“Тешка година, стасаа кредитите за наплата, сметките се зголемија, многу луѓе останаа без работа, јас тоа го почуствував во моето семејство“, вели младиот скопјанец вработен во јавно претпријатие чија сопруга во 2011 ја загубила работата.

Mazedonien Land und Leute Finanzminister Zoran Stavreski
Министерот за финансии Зоран СтаврескиФотографија: Petr Stojanovski

Статистиката немилосрдна

Експертските оценки се базираат на бројки, а кога е во прашање статистиката сликата не е многу розова. Македонија во 2011 останува на европскиот врв по невработеност и сиромаштија. Универзитетскиот професор Ванчо Узунов вели:

“Во 2012 мене ми се чини дека најслабата точка ќе бидат јавните финансии, односно оваа очигледност дека Владата како што ги планира расходите за в година ќе дојдеме со ситуација да не може да ги покрие јавните расходи со планираните приходи“, вели Узунов.

Дека државата можела да стори повеќе се согласува и универзитетскиот професор Благоја Самаковски, но според него Владата спровела вистински реформи со кои овозможила поволен економски амбиент за македонските компании.

“Лично сметам дека Владата создаде извонреден макроекономски амбиент за делување на фирмите соочувајќи се со голема светска финансиска криза. Подобрување на ликвидноста на стопанството, враќањето на ДДВ, стабилноста на денарот и на крајот кога во кризно време преку буџетска потрошувачка се градат инфраструктурни објекти“.

Во Буџетот за 2012 повеќе пари за инвестиции

Странските инвестиции не стасуваат во посакуваниот обем, кризата е добар изговор за откажаните или одложени проекти. Без големи вложувања намалувањето на невработеноста е невозможна мисија, повеќе административна операција за бришење од евиденција на луѓето без работа кои нередовно се пријавуваат во надлежната агенција.

Mazedonien Land und Leute
Фотографија: Petr Stojanovski

Владата во Буџетот за наредната 2012 предвиде повеќе пари за капитални инвестиции, но опозицијата е незадоволна. Игор Ивановски од СДСМ критикува:

“За 6 години не е изграден ниту еден капитален инфраструктурен објект. Нема ниту една хидроцентрала, нема гасовод“.

Во услови кога должничката криза во Европа добива епидемиски размери Македонија се гордее дека на овој план стои подобро од многу посилни економии. Министерот за финансии Зоран Ставревски вели:

“Највисоко ниво на задолженост на Р. Македонија во 2005 година 38, 4 проценти од БДП, денеска 26 проценти од БДП во 2011 година“. 

Но за граѓаните е слаба утеха нивото на надворешниот долг. Научени се да живеат во тешки времиња но по две децении транзиција со право очекуваат ефекти од реформите.

“Смачено ми постојано да слушам дека ќе биде се полошо. Зарем може да биде полошо од ова“?

Автор: Горан Петрески

Редактор: Борис Георгиевски