1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

40 жртви во масакр во Ирак

10 јули 2006

Најмалку 40 лица загинаа во еден од најголемите масакри во последниве месеци во сунитскиот кварт Џихад во Багдад. Непознати сторители на лажен пункт пред квартот запирале возила и ликвидирале се што било во нив

https://p.dw.com/p/Ae0F
Багдад
БагдадФотографија: DW

Полицијата од утринава го држи под опсада сунитскиот кварт Џихад каде од синоќа на сила е полициски час. Мерката е воведена со цел спречување на одмазднички напади. Местото на инцидентот е во непосредна близина на шиитската џамија пред која во бомбашки напад во саботата загинаа три лица. Полицијата засега нема информации за идентитетот на сторителите, за кои претпоставува дека се членови на една од милитантните групи кои се против политиката за национално единство на актуелната ирачка влада

Американскиот заменик министер за надворешни работи Ниолас Барнс ги осуди нападите:

„ Ние сме многу вознемирени од извештаите што ги гледаме, немаме целосна слика бидејќи настаните се неразјаснети. Ние веруваме во владата на премиерот Нури ал Малики чии намери се да обезбедат единство меѓу трите групи во Ирак, сунитите, шиитите и курдите. Владата очигледно треба да ја преземе одговорноста за законот и редот и мирот на улиците и се надеваме дека овие ужасни насилства ќе бидат итно запрени„

Насилствата во Ирак ги осуди и амбасадортот на оваа земја во САД, Самир Ал Сумаидае:

„ Овие насилства меѓу сектите без сомнеж ќе продолжат. Најважната работа е навистина да и се овозможи на владата да ја контролира ситуацијата. Владата на национално единство ја има вистинската политика. Таа се залага за расчистување на милитантите кои очигледно стојат зад последните настани. Мислам дека американците, меѓународната заедница и се разбира сите одговорни ирачани мора да и помогнат на владата, мора да и овозможат да ја спроведе политиката за разбивање на милитантите„

Инаку агенциите од утринава јавуваат и за убиство на иорачки армиски разузнавач во градот Карбала, јужно од Багдад.