1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

77 препораки за подобрување на човековите права

Тони Гламчевски12 септември 2008

Ситуацијата со човековите права во Македонија и покрај забележаниот напредок, може и натаму да се подобрува - ова е заклучок од најновиот извештајот на Комесарот за човекови права на Советот на Европа, Томас Хамарберг.

https://p.dw.com/p/FGYt
Томас ХамарбергФотографија: Toni Glamcevski

Извештајот на Комесарот за човекови права на Советот на Европа, Томас Хамарберг, ќе биде објавен денес (12.09.2008) во Стразбур. Хамарберг до македонските власти испраќа 77 препораки, кои според него, ќе треба да ја подобрат ситуација во оваа област.

Комесарот за човекови права со задоволство забележува дека Република Македонија последниве години направила голем напредок, посебно кога станува збор за меѓуетничките односи и во напорите за спроведување на дело на Охридскиот договор. При неговата посета на Македонија, тој сепак е принуден да признае дека забележаниот напредок може да биде засенет од негативната клима која сеуште владее меѓу двете најголеми етнички заедници во земјата, исто како и од впечатокот кај јавното мислење дека корупцијата владее во земјата, па дури и во правосудниот систем.

Извештајот на Хамарберг, кој вчера беше претставен пред Комитетот на министрите на Советот на Европа, не претставува анлиза на економската и политичката ситуација на Македонија, туку само преглед на законската регулатива и ситуацијата со почитувањето на човековите права во земјата. Посетата, направена во текот на февруари оваа година, била во контекстот на тешката политичка клима, меѓународното признавање на Косово и преговорите за името, што влијаело врз непарцијалноста на институциите задолжени за почитување на човековите права во Македонија.

Се бара расветлување на случаите „Раштански лозја“ и „Калед ел Масри“

Хамарберг не се задржува многу на поедничени случаи и настани, но во 77 препораки испратени до македонските власти, меѓу другото, бара независна и неутрална истрага за акцијата споведена од македонските сили на редот во Бродец. „Може Бродец да беше добро подготвен, но начинот на кој беше водена акцијата е неприфатлив. Има елементи на прекумерна употреба на сила по завршувањето на операцијата“, стои во извештајот. Комесарот за човекови права на Советот на Европа бара расветлување на случајот Раштански лозја, исто како и на случајот со грабнувањето на германскиот државјанин, Калед ел Масри.

Во извештајот уште еднаш е посочено дека полициското насилство и покрај забележаниот напредок и натаму претставува проблем и тука повторно се покажани со прст припадниците на „Алфите“.

Хамарберг констатира дека македонското судство е затрупано со предмети, околу еден милион во очекување на разврска, што раѓа недоверба кај граѓаните. Тој го поздравува брзото спроведување на пресудите на Европскиот суд за правата на човекот од Стразбур.

Од малцинствата се најдискриминирани Ромите

Околу предметите вратени од Хаг, Хамарберг не зазема позиција оценувајќи дека тоа се деликатни, бидејќи во нив се вмешани, сега високи политичари. Тој вели дека треба да се води грижа дека ќе бидат почитувани правото и правните процедури и дека сите лица осомничени за воени злосторства, геноцид или злосторство против човештвото треба да бидат изведени пред суд. За македонските затвори тој бара спроведување на препораките на Комиетот за превенција на тортурата, чиј најнов извештај беше претставен неделава во Стразбур.

Од дискриминацијата најпогодено е ромското малцинство во Македонија. Ова, и покрај напорите за подобрување на ситуацијата. Жените се изложени многу повеќе на дискриминација во руралните средини и посебно кај припадниците на малцинствата. Хамарберг заклучува дека насилството врз децата „не е невообичаен феномен“ во Македонија. Околу слободата на изразување, Комесарот забележува дека новинарите кои водат истраги секогаш немаат слободен пристап до информациите. Советувајќи еден независен орган за саморегулација на новинарите и медиумите во Македонија. Борците за човекови права во Македонија не се загрозени, но фактот дека скоро сите невладини организации од оваа област зависат од надворешното финансирање, го става во прашање нивниот опстанок.

Меѓу главните препораки до македонските власти е и охрабрувањето за ратификација на изменетата Социјална повелба и на Европската повелба за регионални и малцински јазици на Советот на Европа.