1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Balkan Winds

2 октомври 2003
https://p.dw.com/p/AeWE

Минатиот петок во Берлин, а саботата во Ганголф центарот во Бон настапија осум музичари од седум балкански земји. Под покровителство на Дојче Веле музичарите имаа можност да покажат дел од својата култура и традиција, воедно и заеднички да ја презентираат балканската џез музика. Покрај клавирот, контрабасот и трубата, во срцето на Европа одекнаа и тапанот и кавалот.

Последните подготовки за концертот завршија. Публиката која полека приситгнува е полна со очекувања. Музичарите се возбудени, а тремата ја разбиваат во разговор со прјател, кој долги години не живее таму "долу", но сепак со насмевка на лицето и живост покажува дека во него не згаснал балканскиот темперамент.

Времето брзо минува но никој не го забележуваа. Се доцни со почетокот. Ете на некој наш балкански начин се заборави на времето, колку за потврда дека Балканот е посебен, дека таму веат поинакви ветришта како што вели Теодосиј Спасов, кој воедно е и кумот на проектот Балкан Виндс:

" Идејата за формирање на групата потекнува од мене; Музиката е со длабоки корени во традиционалнта бугарска музика и со влијание на современите тенденции. Но сепак, најголемо влијание е тоа што сум роден во Бугарија, на Балканот. "

Лево на сцената, седеше човекот со шешир на главата и гитара во раката. Тоа беше местото во групата за едно од големите музички имиња на Македонија, кое веќе подолго време е дел од балканската џез сцена. Тони Китановски и овојпат својата културна мисија ја изврши безпрекорно. Преку неговата гитара се слушнаа нашите тонови. За Балкан Виндс и Теодосиј Спасов и самиот тој има неколку зборови:

" Музиката пред се' ја свират осум пријатели од седум различни земји, извонредни музичари и навистина големо пред се' заоволство е да сум со сите овие луѓе. Некои од нив ги знам од порано, повеќето не ги знам. Музиката е тоа што донеле. Секој од нас донесе по две композиции, отприлика знаевме дека треба да биде нешто во етно стил, нешто од нашите земји и се направи фина комбинација од различни вкусови, сензибилитети и композиторски афинитети."

Со својот впечатлив настап тој неколкупати доби голем аплауз од публикатаа за неа вели:

" Во секој случај имавме извонредна публика и овде во Бон вчера во Берлин и кога имаш изворедна публика е навистина лесно да се свири. "

Приказната ја продолжуваме во Истанбул, каде Изет го сретнал Теодосиј Спасов, му пришол и по кратко време го одвел во студио, за да чуе дел од проектот на кој тој тогаш работел. Соработката започнала и Изет е поканет со својата тарабука да биде дел од Балкан Виндс:

" Свирам тарабука, која е посебна, бидејќи ја направив самиот, за да свирам на неа индијска музика . Пред четири години бев во Бомбај, каде сретнав голем индијски перкусионист, тој е мојот гуру мојот учител. "

Дека тарабуката на Изет не е само за индијска музика туку и за балканска потврди со својот извонреден настап.

И повторно големо име Сања Илич. Човекот од Балканика се најде и во овој состав, сосема разбирливо.

Целиот состав не би бил комплетен без басистот од Грција и Бугарскиот тапанар како и без Романецот Михаи Сорохау, кој поради својата труба мораше да се откаже од една голема љубов: сликањето.

Во малата сала публиката играше седејќи, никој не се осмели да стане, сепак сите со насмевка на лицето и видно задоволство, и покрај тоа што музиката можеби за некоко беше и преслободна но во секој случај длабока, беше воодушевена. Имено тие беа едни од првите кои имаа чест да ги слушанат Балкан Виндс и нивната музика.

По недовршената приказна со Балкан Хорсис сите овие луѓе се среќни што се повторно заедно, не сите но поголемиот дел, и што ќе имаат можност да пишуваат нови страници за музиката на Балканот, музика за која не треба да се зборува, оти таа зборува сама за себе, како што вели и Тамара:

" Мислам дека е неблагодарно да се опишува музиката. Во принцип поради ударачките инструменти музиката има највеќе балкански призвук. Во целата приказна, јас внесувам медитерански тонови. Но тоа е она што е интересно, секој да донесе некоја своја традиција, па сето тоа заедно да се вклопи. "